Падот на економската активност во еврозоната се продлабочи во октомври

39

Падот на деловната активност во еврозоната се продлабочи во октомври, како одраз на забрзаното темпо на слабеење на побарувачката за стоки и услуги, покажа извештајот на S&P Global.

Индексот на менаџерите за набавка (PMI) во приватниот сектор во еврозоната падна во октомври за 0,7 поени во однос на септември, на 46,5 поени, што е најниска вредност од ноември 2020 година, пресметана од Хамбуршката комерцијална банка (HCOB).

Ако се исклучат пандемските години, вредноста е најниска од март 2013 година и е под 50 поени, што значи дека сигнализира пад на активноста.

-Работите одат од лошо на полошо во еврозоната, вели Сајрус де ла Рубија, главен економист на Хамбуршката комерцијална банка.

– Не би биле изненадени доколку еврозоната западне во блага рецесија во втората половина од годината, со два последователни квартали на опаѓање на активноста, додаде Де Ла Рубија.

Компаниите во октомври најмногу „одработуваа“ стари нарачки, што значи дека нема знаци за непосредна промена на трендот.

Активноста во услужниот сектор повторно се намали во октомври, а падна и побарувачката, најсилно од почетокот на 2021 година. Во индустријата, активноста се намалува 16-ти месец по ред, а нарачките нагло паднаа и се приближија до нивото од крајот на финансиската криза во 2009 година.

Во такво опкружување, менаџерите повторно покажаа песимизам во деловните прогнози за следните 12 месеци, со мало подобрување во услужниот сектор, но и влошување на индустријата, утврди германската банка во истражувањето.