Пакети со облека за над 11.000 социјално загрозени семејства

67

bhg-closet2На повеќе од 11.000 повеќедетни, згрижувачки и семејства со самохрани родители ќе им бидат обезбедени пакети со облека преку центрите за социјална работа, информираше на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

“Министерството за труд и социјална политика, по повод Меѓународниот ден на семејството започнувајќи од денеска во текот на овој месец преку центрите за социјална работа ќе дистрибуира пакети со облека до 11.325 повеќедетни семејства, згрижувачки семејства, како и семејства со самохрани родители, кои се донација на Mezitli Social Welfare Solidarity Endowment од Мерсин, Турција”, рече Ристовски.

За оваа цел ќе биде искористена и текстилната стока и обувките кои Царинската управа, односно Агенцијата за управување со одземен имот, им ја отстапи на Министерството за труд и социјална политика.

Во своето обраќање министерот додаде дека Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика, организираат голем настан кој ќе се одржи на 18 мај 2013 година на популарно наречената Школка во градскиот парк во Скопје, од 12 до 14 часот.

За настанот е предвидена двочасовна програма со забавни активности и анимација за најмалите и нивните семејства од страна на Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје и членовите на детскиот хор Златно славејче.

Ристовски нагласи дека со тоа, тие на достоинствен начин ќе потсетат дека семејството е универзална категорија којашто ги одржува заедниците, меѓусебно ги поврзува и е една од вредностите врз кои се гради иднината на младите генерации.