Пакетомати и на македонскиот поштенски пазар

На македонскиот поштенски пазар првпат се воведени пакетомати, уреди кои на корисниците им овозможуваат самопослужување со преземање на својата пратка во кое било време во рок од 72 часа.

Во Скопје се веќе поставени на седум локации, а во Битола на една.

– Оваа иновација им овозможува на корисниците да изберат локација на пакетомат која ним најмногу им одговара, за пратката да извршат уплата преку електронско банкарство (доколку имаат обврска за плаќање) и по СМС порака да ја подигнат својата пратка.

Треба само да се поврзат на линкот од СМС пораката кој што ќе им побара поврзување со bluetoоth и веднаш ќе им се отвори нивното сандаче, изјави за МИА Биљана Глумац од Карго Експрес, компанија која првпат во земјава ја воведува услугата достава преку Пакетомат или Locker, која што му овозможува современа, практична и брза достапност на корисникот до својата пратка.

Трендот на преземање на пратки од пакетоматите во европските земји и кај нашите соседи расте од година во година, а најголема причина за доцнење на ваков проект во државава, како што вели, е тоа што во нашиот поштенски пазар голем дел од пратките се со наплата при достава т.е. откупнина или поштарина.  -Нашиот тим се обидуваше да изнајде решение како таа наплата би се имплементирала без притоа корисниците на услуги да не бидат изложени на додатни трошоци.

Потребите на една компанија на константно унапредување и развој на истата придонесе да се оствари ваков проект, односно да се интегрираат логистичките услуги во својата развојна стратегија за да можат да се остварат придобивките за понуда кон корисниците, изјави Глумац.

Таа информира дека во соработка со компанијата „Тинекс“ поставиле седум пакетомати пред нивните објекти на седум различни локации во Скопје, а во скоро време ќе бидат поставени уште четири нови пакетомати.

Еден пакетомат е поставен и во Битола, а се очекува во наредниот период мрежата да се прошири низ целата држава. Пакетоматите се независни еколошки уреди кои за напојување користат соларна енергија.

Со тоа се намалува користењето на возилата со што автоматски и оваа достава се смета како еколошка.

Во Регистарот на Агенцијата за пошти се евидентирани 34 даватели на поштенски услуги, од кои 33 се со лиценци со општо овластување, покрај АД Пошта на Северна Македонија која е со индивидуална дозвола.