Пакомак организираше селективно собирање и рециклирање на вкупно 9.107 тони амбалажен отпад

185

 

pakomak

Пакомак неодамна ги објави резултатите од напорите за организирана заштита на животната средина за 2014 година. Според последните извештаи, компанијата Пакомак покажа дека доколку грижата за планетата земја е секојдневна навика и обврска на секоја индивидуа, компанија или институција, резултатите можат да бидат импресивни и неизбежни. Пакомак уште со самиот почеток на своето работење го прифати предизвикот за зачувување на природните богатства на одржлив начин како и обврската да се грижи и да ја сочуваат природата и околината за следните генерации.

6Како резултат на ваквите заложби и вообичаената пракса, оваа година заклучно со 31 октомври, Пакомак преку својата инфрастуктура и со своите соработници организираше селективно собирање и рециклирање на вкупно 9.107 тони амбалажен отпад од кои 4.847 тони хартија, 3.500 тони пластика, како и над 736 тони стакло, дрво, метал, со што се има заштедено околу 70.000 илјади дрва и 4000 тони нафта. До крајот на година се планира да се однесат на рециклирање над 9.500 тони амбалажен отпад. Идната година се планирани за 30% поголеми количини, да се соберат и рециклираат.

Доколку се земе во предвид светски познатата формула дека еден тон рециклирана отпадна хартија спасува 17 дрва, заштедува 26 m3 вода, 320 л. нафта, 4.000 kWh електрична енергија и 2,3 m3 место за одложување на отпадот, во тој случај придонесот на Пакомак во 2014 година за заштита на околината само од рециклирањето на хартија на сликовит начин би изгледал вака: со рециклирање на отпадната хартија спасена е шума од 70.000 дрвја и заштедено е вода потребна да наполни 42 олимписки базени, заштедена е електрична енергија која би ја потрошиле 3.900 семејства во трособен стан во период од една година, заштедено е приближно околу 1.200.000 литри нафта и намалено е оптеретувањето на местото наменето за складирање на отпадот за 9.000 m3.

Оваа година за истакнување е проектот Рециклирање – КАЖИ ДА! кој се реализираше заедно со Шпаркасе, и кој имаше за цел собирање и рециклирање на пластична амбалажа и стара хартија, како и подигнување на нивото на хигиената во училиштата. Во овој проект кој веќе втора година по ред дава успешни резултати, учествуваа вкупно 31.700 ученици од 54 основни училишта во шест општини на Град Скопје (Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба и Ѓорче Петров), и оваа учебна година беа собрани повеќе од 40 тони пластичен отпад или повеќе од 1,5 милиони шишиња. За пофалба се и неколку општини низ Македонија (посебно Крушево) кои покажаа висока еколошка свест, висока организираност и кои преку соработката со Пакомак, придонесуваат кон создавање на почиста животна средина.

“И натаму ќе продолжиме со инвестиции во комунална инфраструктура во градовите низ републиката, бидејќи во некои општини се уште нема доволно контејнери за комунален отпад, ниту пак за селективно собирање. Наша цел е интензивирање на соработката со локалните самоуправи, и на различни локации да има барем по еден контејнер за амбалажен отпад, пред се ПЕТ, хартија, лименки и стакло, како и да се обезбедат специјализирани возила кои ќе ги опслужуваат. Многу е важна и улогата на граѓаните, кои треба да дадат свој личен придонес, односно  во одделна кеса да ги собираат пластичните шишиња, лименки, стакло и хартија и да ги фрлаат во посебен контејнер, се разбира во оние место каде нив ги има. Со тоа сите ние заеднички придонесуваме да имаме почиста земја, правејќи заштеда на природните ресурси, енергија и почва“, е ставот на Филип Ивановски, директор на Пакомак.