Паметна и Хидропонична градина – проекти на ученици од Куманово, поддржани од ФИТР

36

Учениците од основното училиште Крсте Мисирков од Куманово одржаа презентација на проектите Хидропонична градина и Паметна градина, коишто се поддржани од Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) во рамки на програмите за млади – Предизвик за млади истражувачи 1 и АПШИФТ (UPSHIFT), којашто се имплементира во соработка со УНИЦЕФ и CEED Hub.

Проектот Хидропонична градина работи на безпочвено одгледување на растенија, со збогатена вода со хранливи материи и има за цел да обезбеди производство на поздрави растенија и нивен побрз раст, додека проектот Паметна градина нуди одгледување на растенијата со примена на паметна технологија и сензори што треба да придонесе кон поефикасно производство и генерирање профит кој би се вложил во пошироката заедница.

“Навистина импресионира ова што го видовме овде, како и овие млади луѓе кои ја заслужуваат нашата поддршка. Нивните резултати се уште еден доказ и аргумент повеќе за нас да се бориме да обезбедиме што повеќе средства токму за овие деца. Нашата порака е дека стоиме зад нив, и Фондот, и Владата, и општината – и ќе ги поддржуваме нивните иницијативи. Целта е да се развие критичкото и креативното размислување во оваа фаза, а понатаму да зборуваме за формирање на сопствени бизниси. Клучната цел е овие млади луѓе да ја препознаат Македонија како место за живеење, а не да заминуваат. Да сфатат дека оваа држава и ова општество сега веќе нуди можности за сите нивни идеи и проекти за подобар живот токму тука“, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Тој додаде дека ова се едни од најдобро вложените средства и најави нови програми за поддршка на младите меѓу кои и концептот Фонд за млади умови на ФИТР, којшто треба да опфати спојување на веќе постоечки успешни иницијативи, како и да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите и унапредување на талентите кај децата.

Директорот на училиштето Крсте Мисирков, Александар Јовановиќ нагласи дека успешноста на ваквите проекти се должи исклучиво на добрата тимска работа и истакна дека е гордост да се има вакви креативни и иновативни ученици и наставници кои иницираат и работат на реализација на научно-истражувачки и иновативни проекти. На овие проекти работат 20 деца под менторство на професорите, Емилија Поп Глигорова и Бобан Поповски.

Училиштето Крсте Мисирков од Куманово е едно од 54 основни и средни училишта кои реализираат проекти за истражување подржани од ФИТР. Само во изминатите 18 месеци Фондот вложи над 16 милиони денари во различни програми  и иницијативи наменети за поддршка на младите, во кои се вклучени над 500 деца.

Третиот по ред повик за Предизвик за млади истражувачи е планирано да се распише следната година, додека за програмата за социјално претприемништво UPSHIFT, во тек е периодот на аплицирање.