Паметното планирање може да спречи незгоди и катастрофи

25

Илјадници хектари шума изгоре во пожарите кои ја зафатија земјата за време на топлотниот бран ова лето кој донесе натпросечно високи температури. Штетата е голема и тешко се надоместува. Последиците од опустошените шумски предели веднаш ќе ги почувствуваме сите со првиот бран на загадување на воздухот, а ова ќе предизвика и други далекусежни еколошки и биолошки последици.

Ова не е само наше секојдневие. Големи пожари ги зафатија Грција и Турција, а поплави и свлечишта ги изненадија Германија, Австрија, Холандија и Белгија. Никој не е имун на климатските промени кои во иднина ќе стануваат се поизразени и ќе предизвикуваат се почести катастрофи.

Последиците од несреќи најмногу се чувствуваат на локално ниво, а општините се први на удар. Затоа е потребно локалните власти да работат на овој предизвик паметно, одговорно и организирано, а намалувањето на ризиците од катастрофи треба да станат дел од секојдневната работа на институциите.

Брзата, навремена и ефикасна реакција и координација како и претходна подготовка, организација и навремено предупредување може делумно или целосно да спречи многу загуби. Потребни се испланирани и одлучни акции од општините, државата но и од граѓаните, кои најчесто се првите сведоци на природните катастрофи. Притоа со паметното планирање ќе може да се обезбедат безбедни и брзи услуги за граѓаните дури и во непредвидливи и ограничувачки услови.

Во плановите за раководење на општините треба да се предвидат чекори за справување со различен вид на кризни сценарија и да се направи план како тие да имаат најмал можен негативен ефект врз населението и природата. Граѓаните треба да го очекуваат и да го бараат тоа од локалните власти.

Претстојните локални избори се одлична можност политичките партии во своите програми да се концентрираат и на управување со кризи, заштита и спасување како тема која што треба биде една од основните за креирање на политики за ефикасно функционирање на општините.

Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, преку проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“, на осум општини им помага да развијат стратегии за намалување на ризици од катастрофи и непогоди. Отпорноста кон катастрофи е предуслов за одржлив развој на секоја општина.