Пандемијата им направи проблем на странските сопственици на имоти во Грција

299

Граѓаните на Србија, кои се сопственици на недвижен имот во Грција, од забраната за влез во оваа земја не можат да дојдат до своите имоти, да проверат во каква состојба се наоѓаат, да ги платат заостанатите обврски, сметки, данок.

Како што пишува српска Политика, организирани преку здружението Грција од прва рака, досега во повеќе наврати им се обраќале на грчки претставници, барајќи да им се овозможи влез во земјата, но не добиле никаков одговор.

Околу 1.000 недвижнини, чии сопственици се српски државјани, во близина на солунската регија, дел се и објекти за издавање, што претставува дополнителен проблем за оние на кои овој имот им е инвестиција. Меѓу нив има и такви кои купиле повеќе апартмани, па дури и хотели во Грција. Сопствениците, како што пренесува Политика, имаат информации дека некои објекти се ограбени, но немаат начин како да го проверат тоа.

“Станува збор за сопственици, но и инвеститори кои претходните години почнаа со реновирање на многу објекти, па дури и земаа кредити и се задолжија. Грција на нашите граѓани им го ускрати правото што е загарантирано насекаде во светот и ние немаме одговор зошто е тоа така. Не добивме ниту еден одговор, ниту реакција на бројните дописи што ги упативме. Кого и да контактиравме во Грција, топката ја префрлаа на некој друг, поради што ангажиравме адвокат од Солун“, вели Тамара Ранчиќ, претседателка на здружението.

Истиот проблем, како што наведува таа, го имаат и сопствениците на јахти и едрилици, кои немаат информации за својот имот.

Лидија Павловиќ, адвокатка од Солун, која го застапува здружението, вели дека овој проблем многу лесно би можел да се реши со договор меѓу двете земји.

“Сигурна сум дека за овој проблем, како прво, мора да биде информирано Министерството за надворешни работи на Србија, коешто има начин како да им помогне на своите државјани во решавање на настанатиот проблем. Единствено на тој начин може да се очекува некој од грчките надлежни министерства да реагира на нашите дописи“, вели таа.

Најголем дел од недвижнините во Грција, Србите ги купувале од 2011-та година, кога почна економската криза во оваа земја и кога Грците ги отворија границите за странски инвеститори. Во тоа време, стан на крајбрежјето можел да се најде и за 500 евра за квадрат. Многумина на овој начин, најпрво за себе си обезбедиле куќа за семеен одмор, а потоа кога почнале цените на недвижнините да растат, се отвориле и можности за развој на бизнис, па истите објекти почнале да ги издаваат во текот на сезоната.

Фото: Pixabay