Пандемијата ќе заврши кога светот ќе одлучи да и стави крај

40

Пандемијата со Ковид-19 ќе заврши кога светот ќе одлучи да ѝ стави крај, тоа е во наши раце, достапни ни се сите потребни алатки за тоа, рече генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, повторувајќи ги своите повици за рамномерна распределба на вакцините.

Тедрос изрази жалење што досега „светот не ги користел мудро тие алатки“ и нагласи дека со близу 50.000 смртни случаи неделно, пандемијата е далеку од својот крај.

Тој ваквите ставови ги изнесе на свеченото отворање на Светскиот самит за здравје во Берлин.

Целта на СЗО е 40 отсто од населението во секоја земја да се вакцинира до крајот на годината и 70 отсто до средината на 2022.

„Ова е можно доколку земјите и компаниите кои го контролираат снабдувањето се префрлат од зборови на дела“, рече тој.

Според него, земјите кои веќе вакцинирале 40 отсто од популацијата, вклучувајќи ги и државите од Г20, мораат да ги препуштат своите количини вакцини на останатите преку механизмот Ковакс и Африканскиот фонд за набавка на вакцини што го основаше Африканската унија.