Пандемијата продолжува да ја попречува светската економија

8

Пандемијата на Ковид -19 сè уште го попречува заздравувањето на светската економија, а главната пречка е длабокиот јаз во вакцинацијата на богатите и сиромашните, предупреди шефот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

“Премногу земји имаат пристап до само мала количина од вакцината против Ковид 19“, истакна Кристалина Георгиева во виртуелен говор на Универзитетот Бокони во Милано.

Според неа, развиените економии ќе се вратат на нивоата пред пандемијата до следната година.

“На повеќето земји во развој ќе им требаат години за да го достигнат тоа“, нагласи Георгиева, најавувајќи ги редовните прогнози на ММФ за падот на светската економија.

Таа појасни дека клучни двигатели на растот се уште се САД и Кина, дека активностите растат побрзо и во Италија и во Европа, но забавуваат во другите делови на светот.

“Се соочуваме со економско закрепнување што сè уште е попречено од пандемијата и нејзините последици. Не можеме нормално да напредуваме, како да одиме со тегови на нозе“, нагласи Георгиева.

Таа ги повика побогатите земји да го зголемат снабдувањето со вакцини за земјите во развој, да ги отстранат бариерите во трговијата и да обезбедат грантови од 20 милијарди долари за тестирање на Ковид -19, следење контакти и лекови.