Панична продажба на акциите на Дојче банк, Шолц ги смирува инвеститорите

57

Акциите на Дојче банк се лизнаа во петокот, додека трошоците за осигурување поради неисполнување на обврските нагло пораснаа, бидејќи германскиот заемодавач се најде на мета на панично продавање поради грижите за стабилноста на европскиот банкарски сектор.

Сепак, многу аналитичари останаа  зачудени зошто банката, која во 10 последователни квартали има остварено добивка и има силна капитална и солвентна позиција, стана цел на пазарот, кој по се изгледа е во режим на „барај и уништи“.

Итното спасување на Кредит Свис од страна на УБС, по колапсот на американската Банка во Силиконската долина, предизвика загриженост кај инвеститорите, која беше продлабочена со дополнителното заострување на монетарната политика од страна на Федералните резерви на САД во средата, пишува „Си-Ен-Би-Си“.

Централните банки и регулаторите се надеваа дека договорот за спасување на Кредит Свис, постигнат со посредство на швајцарските власти, ќе помогне да се смири нервозата на инвеститорите за стабилноста на европските банки.

Но, колапсот на 167-годишната швајцарска институција и промената на правилата на хиерархијата на доверителите за да се избришат дополнителните обврзници на Кредит Свис од 16 милијарди швајцарски франци (17,4 милијарди долари) го оставија пазарот неубеден дека договорот е доволен, да ги задржи стресовите во секторот.

Во последниве години, Дојче банк претрпе реструктуирање од повеќе милијарди евра со цел да ги намали трошоците и да ја зголеми профитабилноста. Заемодавачот забележа годишен нето приход од 5 милијарди евра (5,4 милијарди долари) во 2022 година, што е зголемување за 159% на годишно ниво.

Нејзиниот коефициент CET1 – мерка за солвентноста на банката – беше 13,4% на крајот на 2022 година, додека стапката на покривање на ликвидноста беше 142% и нејзиниот нето стабилен коефициент на финансирање беше 119%. Овие бројки не би значеле дека постои причина за загриженост за солвентноста или ликвидносната позиција на банката.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференција во петокот во Брисел изјави дека Дојче банк „темелно го реорганизирала и модернизираше својот деловен модел и е многу профитабилна банка“, додавајќи дека нема основа за шпекулации за нејзината иднина.

Некои од грижите околу Дојче Банк се фокусираа на нејзината изложеност на комерцијални недвижности во САД и нејзините значителни деривати.

Сепак, истражувачката компанија Autonomous, подружница на AllianceBernstein, во петокот ги отфрли овие грижи како „добро познати“ и „само не многу страшни“, укажувајќи на „силната позиција на капитал и ликвидност на банката“.