Парите како последица

94

Фото: Pixabay

Еден наш многу ценет соработник и пријател, со огромно претприемничко искуство и долги години во приватниот бизнис, еднаш на Калин и мене ни кажа – „Ако ги гледате парите како последица, а не како причина во/за бизнисот, имате големи шанси да изградите и да создадете органски, стабилен и силен бизнис”.

“ПАРИТЕ КАКО ПОСЛЕДИЦА, НЕ ПРИЧИНА!”

                                                                  Димче Котевски

Иако звучи едноставно, оваа филозофија на работење, во практиката е многу тешко да се следи. И тоа, не е само поради економската состојба во која се наоѓаме. Или, тоа дека парите ни се огромна потреба/притисок, па поради тоа често знаеме да донесеме одлука следејќи ги нив, а не нашата цел. Дополнително, ако погледнеме околу нас (локално и глобално) повеќето од бизнис луѓето напротив, ја следат обратната филозофија. Повеќето ги ставаат парите како причина за почнување некој бизнис или за носење на одлука при вработувањето. Највеќе за тоа допринесува тоа што самиот систем што владее глобално, главниот фокус го става на парите и на мотивација на бизнис луѓето да прават што повеќе и повеќе пари. Поради тој начин на функционирање, свесни сме што се случува и на што сè човек  е подготвен да направи, само да дојде до пари.

Ваква слична филозофија еднаш ја промовираше и Стив Џобс. Тој вели, не треба парите да ви бидат причина кога започнувате некој бизнис. Многу поважно е да го знаете вашето „ЗОШТО?”. Зошто го правите ова, или го започнувате некој бизнис, или зошто сте ја донеле одлуката да се вработите некаде итн. Секогаш тоа ЗОШТО е многу помоќно и подлабоко, како мотивација, отколку парите или кој било друг фактор што влијае на нашите одлуки. И тоа секогаш доаѓа од стомакот, а не од умот.

Ако ги гледате парите како последица на тоа што го работите, вие ќе можете да:

  • Бидете вистински професионалци во вашата работа;
  • Го дадете најдоброто од вас;
  • Бидете вистински посветени на вашата цел, идеја, филозофија (т.е. нема да ја изгубите вашата мисија и идентитет на компанијата);
  • Носите поквалитетни долгорочни одлуки;
  • Ги намалите стратешките грешки;
  • Го намалите ризикот од правење нелегални работи (парите се чуден феномен. Понекогаш не ни може да замислиме што е човек способен да направи, да го загрози својот личен и на фамилијата идентитет и морал, само да стигне до пари);
  • Станете посилни (не е лесно да се издржи во остварувањето на вашите цели);
  • Бидете порелаксирани во работата и донесувањето на одлуките;
  • Одете со задоволство и со позитивно чувство на работа;
  • Работите повеќе на себеси (кога нешто толку посакуваш, моментот кога ќе го добиеш веќе го губиш мотивот за личен раст и развој);
  • Направите повеќе пари (ако сте релаксирани од товарот да направите пари, ако постојано креирате, нешто може и ќе успее и ќе направи многу пари);
  • Создавате големи дела (успешните луѓе што ги читаме во книгите, сигурно не ги направиле тие успеси само ако ги следеле парите. Тие имале поголема визија и идеологија која ја следеле).

За што било, секогаш внимавајте што ќе ставите на прво место!