Патниот правец Дебар-Кичево ќе биде готов кон крајот на идната или на почетокот на 2024 година

273

Досега има одлична динамика на реализација на проектот за патно поврзување на Дебар со Кичево, односно на делот од трасата од Гарски мост до селото Извор и нашите очекувања се дека ќе биде комплетно завршен до крајот на следната или на почетокот на 2024 година, оцени денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

-Се работи за комплетно нов патен правец, инвестиција од околу 20 милиони евра, кој е многу значаен за целиот регион и ќе го поврзи Дебар со Коридорот 8. Таму имаме добар прогрес на работите и нашите очекувања се дека ќе биде комплетно завршен до крајот на 2023 или на почетокот на 2024 година. Убеден сум дека ќе биде од корист за граѓаните од Дебар и Кичево и од целиот регион за поврзување меѓу двата града, за побезбедно движење на граѓаните и за посилна економија на целиот регион, рече Бочварски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Дебар.

Врз изградбата на патот, како што кажа, сериозно влијание ќе имаат и временските услови, бидејќи се работи за планински крај каде многу големо влијание имаат снежните врнежи и до кога ќе се задржи снегот за да може градежната механизација непречено да работи на терен.