Патот на храната – Младa македонска уметница победи на глобалниот ликовен конкурс на ФАО по повод Светскиот ден на храната

18

Светскиот ден на храната ја инспирираше Михаела Стојменовиќ, 17-годишна ученичка од Скопје да ја прикаже важноста на работата на малите земјоделци кои се грижат нашите земјоделски системи да ни обезбедат разновидна храна.

Михаела ја освои првата награда на глобалниот натпревар на ФАО по повод Светскиот ден на храната 2022 година, во возрасна категорија од 16 до 19 години.

Постерот на Михаела е комбинација од дванаесет сцени, во секоја од нив е опишана различна приказна за храната. Овие приказни ги формираат клетките на саќето кое го симболизира системот за храна во кој пчелите играат фундаментална улога. Тие преку размножување на растенијата ја поткрепуваат обезбеденоста со храна, исхраната и животната средина. Постерот го раскажува патот на храната од фармите до пазарите и на крајот, до нашите трпези – можеме да видиме сцени од земјоделци кои ораат нива, одгледуваат добиток, молзат крави и берат грозје. На цртежот има лозја, полњиња со пченка и овоштарници со расцветани јаболкници, додека пчелите работат на пчеларникот.

Михаела претходно има победено на неколку ликовни натпревари и со големо задоволство ја искористи својата креативност да учествува на глобалниот ФАО повик за акција на Светскиот ден на храната во 2022 година.

Таа се надева дека заедно со останатите натпреварувачи ширум светот ќе помогне во зголемување на јавната свест дека ако сите се стремиме кон подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот, можеме да оствариме Свет без глад каде никој нема да биде изоставен.