Павлески на ЕКСПО 2020 Дубаи: До 2027 година предвидени се инвестиции од 9,5 милијарди долари во 7 сектори

26

На покана на организаторот на ЕКСПО 2020 Дубаи директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески вчера на тематски бизнис форум ги презентираше политиките на земјата во делот на климатските промени и биодиверзификацијата.

“Тековната пандемија КОВИД-19 го промени не само нашиот начин на живот, туку и нашиот начин на размислување. Прилично сум сигурен дека целото човештво стана посвесно не само колку сме кревки, туку колку е важно да се грижиме еден за друг и колку е важна природата за нашето постоење”.

Владата на Северна Македонија има силна определба за следниот период да обезбеди подобар одржлив раст базиран на индустрии кои не загадуваат. Имаме посебни стимулации за привлекување нови СДИ, но ги стимулираме домашните компании да инвестираат исто така. Со донесување на Интервентниот инвестициски план 2021-2027 година предвидени се инвестиции од 9,5 милијарди американски долари во 7 сектори: енергетика, инфраструктура, преработка, МСП, јавно здравје, отпад и рециклирање и туризам, потенцираше директорот Павлески.

Ние се справуваме со загадувањето и ефектите од климатските промени кои поддржуваат циркуларни економии и инвестиции во енергетска транзиција, истакна во своето обраќање Павлески. Во однос на агендата за енергетска транзиција, со гордост можам да кажам дека ние сме шампиони во регионот на Југоисточна Европа со 30% од вкупното производство на електрична енергија што доаѓа од обновливи извори.

Јас навистина верувам дека сите поединци и сите нации, без разлика дали се мали или големи, треба да ја поправат нашата иднина. Да дејствуваме сите заедно во мир и разбирање. Да ги искористиме сите потенцијали, целото знаење и целата технологија што ја имаме. Ајде да инвестираме се што имаме во одржливост денес, за да можеме да го смениме светот утре да стане позелено и почисто место”, повика Павлески од говорницата во Дубаи на светскиот настан ЕКСПО 2020.

Во рамки на посетата на Дубаи директорот Павлески го посети павиљонот на нашата земја и оствари средба со Бекри Ајдини, генерален комесар за Експо 2020 Дубаи и економски советник во амбасадата на Северна Македонија во Абу Даби – Обединети Арапски Емирати. Северна Македонија со свој павиљон на EXPO 2020 Dubai се претставува под слоганот “Дом на секој чекор” кој е отворен од 1 октомври и во следните шест месеци ќе биде достапен за презентирање на потенцијалите на нашата земја пред светската јавност. Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот активно ќе учествува во подготовките и претставување на нашата земја до завршувањето на овој светски настан.

Во текот на денешниот ден директорот Павлески ќе оствари средби со неколку компании на кои ќе ги презентира инвестициските потенцијали и можности кои ги нуди на Северна Македонија.

“Поврзување на умовите, создавање на иднината” е темата на светскиот настан за оваа година ЕКСПО 2020 Дубаи кој започна на 1 октомври, а ќе трае до 31 март 2022 година.На ова значајно светско шоу домаќин е Дубаи, Обединети Арапски Емирати.

Експо 2020 Дубаи е револуционерен спектакл кој собира учесници од 192 земји, вклучувајќи иноватори, компании, невладини организации, претприемачи, универзитети и креативци.