Павлевски: Десет странски компании во прелиминарни прговори за инвестирање во земјава

155

Странските инвестиции во вредност од 150 милиони евра во првиот квартал од годинава е добар индикатор за стабилноста, сигурноста и извесноста за водење бизнис која постои во Северна Македонија, вели во интервју за Локално.мк директорот на Агенцијата за привлекување странски директни инвестиции, Дејан Павлески.

Наспроти светскиот тренд на опаѓање на инвестициите кои во моментов се како од средината на 90-тите, Северна Македонија вели тој, оствари помало намалување од светскиот просек.

“Лани иако беше светска криза и рецесија, нивото на СДИ од 233 милиони долари е подобро од 2017 година за цели 17%. Значи, во услови на глобално намалување на СДИ ние имавме пораст изминатите години, а во услови на ковид криза остваривме помало намалување од светскиот просек”, објаснува Павлески.
Она на што се обрнува посебно внимание според него, е зголемената вклученост на домашните компании и искористувањето на развојните потенцијали од странските директни инвестиции.
“Потенцијалите за соработка помеѓу локалните компании и странските инвеститори се големи. Tоа покрај што ја раздвижува економијата води и до развој во примена на нови технологии, знаења и стандарди, а го раздвижува и претприемништвото со отворање на можности за нови продукти и услуги”, вели Павлески.

Од 40 компании потенцијални инвеститори со кои се разговара, десет открива тој, се најзаинтересирани да вложат во нашата земја. Станува збор за фирми од Британија, Белгија, Холандија, САД и други, претежно од автомобилската индустрија и ИТ секторот.

“Во наредниот период очекувам официјализирање на неколку од нив што ќе значат стотина милиони евра нови инвестиции и неколку илјади нови работни места”, вели Павлески.

Фото: Pixabay