Пазарниот инспекторат ќе има засилени контроли за новогодишните празници

41

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски денеска ги предупреди угостителите дека инспекторите засилено како и досега ќе бидат на терен и за време на новогодишните празници и ќе казнуваат кога ќе откријат незаконско работење.

“Контролите и за новогодишната ноќ ќе продолжат исто како досега. Инспекторите се на терен седум дена во неделата, а има инспектори кои и по 12 или 14 часа се на терен. Толку имаме луѓе, сите се ангажирани. Верувам дека и новогодишните празници најголем дел од нив ќе ги поминат на терен. Затоа упатувам апел до сите што мислат да ги нарушуват протоколите, да се воздржат, бидејќи тоа е во интерес на сите граѓани“, рече Пауновски.

Тој изјави дека би можел да се подготви закон кој ќе овозможи да се казнува за прекршување на рестрикциите врз основа на фотографија или видеoснимка.

“Ако Владата направи закон што ќе дозволи да казнуваме врз основа на слики и снимки, ние сме тука. Но, нашата надлежност засега е сами да воочиме и затекнеме нарушување на законските прописи“, рече Пауновски по отворањето на новата канцеларија на Инспекторатот во Тетово.

Фото: Freepik