Пазарот на криптовалути вреди повеќе од најголемите банки во светот

68

Целиот пазар на криптовалути вреди повеќе од најголемите 12 банки во светот откако цената на повеќе криптовалути достигна рокордно високи нивоа неделава.

Пазарната капитализација на сите криптовалути надмина 2,75 билиони долари, првпат во историјата. Најголемите 12 банки во светот имаат комбинирана пазарна капитализација од речиси 2,7 билиони долари.

Само биткоинот сега вреди повеќе од американски гиганти како Мета (поранешен Фејсбук) и Тесла бидејќи има пазарна капитализација од над 1,19 билион долари. За споредба, најголемата светска банка JPMorgan Chase има пазарна вредност од 503 милијарди долари – 40 милијарди долари помалку од онаа на Етереум.

Вредноста на криптовалутите расте со месеци, а само од јули нивната вкупна вредност се зголемила за над 1,5 билион долари.

Биткоинот има најголема пазарна капитализација, но другите криптовалути придонесуваат за растот на вредноста на сите криптовалути. Пазарната капитализација на биткоинот сега сочинува само 40 отсто од целиот пазар, во споредба со 80 отсто пред 2017 година.

Во меѓувреме, само дел од банките во САД и во Европа нудат услуги со криптовалути.