На оваа тема сум пишувал повеќе пати, но слободно можам да кажам дека никогаш не е доволно.
Дали постои перфектен тим?
Еве, да не се мачите многу и да размислувате, ќе ви кажам дека не постои. Значи, вака ќе го дефинирам мојот став. Многу тешко, речиси невозможно е да постои перфектен тим. Пред да пробам да ја објаснам мојата перспектива, прво да дефинираме што е “перфектен тим”!? Тим кој има заедничка цел и визија, и секој го дава најдоброто од себе за таа повисока цел; каде што постои цврста структура, секој си има своја јасно дефинирана улога и задача, која професионално и беспрекорно си ја извршува; силен лидер кој претставува пример и инспирација за секого во тимот; кој има квалификувани и посветени професионалци коишто го следат во остварување на заедничката визија; тим каде што постои беспрекорна комуникација и пренос на информации, почит и заемна поддршка помеѓу сите членови.
Дури и додека ја пишував дефиницијата, си помислив дека нема да има потреба понатаму дополнително да пишувам и објаснувам околу “перфектниот тим”. Свртете се околу вас, погледнете го вашиот тим и пробајте да алоцирате каде се наоѓате во однос на оваа дефиниција. Се надевам јасно ви стана колку е тешко да постои перфектен тим?!
Во овој неделен совет, ќе обработам само еден аспект на функционирањето, поточно нефункционирањето на еден тим, а тоа е следење на тим лидерот, раководителот, менаџерот, директорот или како и да се нарекува. Според горенаведената дефиниција, еден аспект на функционален тим е имање на силен лидер и тим кој го следи во секоја ситуација (убава или неубава). Меѓутоа, тука се појавува и најголемиот проблем, следење на тим лидерот.
Во прилог ви претставувам една листа, која за да ја креирам многу ми помогна мојот тим на работа (за што сум им многу благодарен), на концепти/замисли/изговори со кои се бојкотира вашиот претпоставен.
…ќе го направам, ама не треба така!
…како не, глупости, тоа не е точно!
…не се прави тоа така!
…не дозволувам мене никој да ми кажува што да правам!
…ќе го направам како што ми кажува, ама ќе додадам и нешто свое (сигурно подобро ќе биде така)!
…никој не ми кажа да го направам ова, ама јас сепак мислам дека треба да го направам!
…важи ќе го направам така (но, не го правам според дадените насоки)!
…ма овој/оваа врска нема!
…јас знам подобро!
…вака не треба/се работи!
…леле, ама е глуп/а!
…не ми даде инструкции точни како треба, ама сигурно вака треба!
…не знам што кажа!?
…што ли требаше да направам!?
…ај ќе заборави!
…сигурно не е многу важно штом не ни повтори 100 пати!
…ова не е моја работа!
…ај бе добар е/добра е, нема да ме казни!
…не ме напнува, значи не е важно ова да го завршам!
….
….
….
Сите овие изјави, во суштина, претставуваат пречка за да се остварат зададените цели, и се голем проблем на секој менаџер – лидер да се фокусира на развојот на компанијата. Наместо да работи на големата приказна и визија, тој/таа треба да се занимава со решавање на тековните работи кој некој друг требало да ги направи (како што е договорено/делегирано). Една и единствена карактеристика што ги врзува сите овие изјави, и која претставува еден од најголемите фактори на дисфункционирање на еден тим е ЕГОТО на секој од членовите на тимот! Наместо да се фокусираме сите на остварување на заедничките цели, и секој најпрофесионално да си ја извршува својата дадена задача, ние (егото) ќе најдеме секогаш причина како и зошто да не го направиме тоа така.
Во секој случај, колку и да е тешко или невозможно да постои перфектен тим, сепак првично многу е важно да сме свесни за тоа, а потоа и да знаеме дека треба да работиме многу, сите заеднички, кон остварување на компаниските а со тоа и индивидуалните цели. Ако секој од нас беспрекорно си ја извршува својата задача, и допринесува со својот индивидуален учинок во целиот тим, поголем успех на ниво на цела организација е неминовен.
Со успех во промените.
Фото:Pixabay