Фото: Pexels
Во банкарските кругови веќе подолго време се полемизира за потребата за окрупнување и консолидација на банкарскиот сектор во Република Македонија, првенствено преку спојување на малите банки. Заради актуелноста на ова прашање, а поттикнатo од скорешната најава за можното спојување на Еуростандард банка АД Скопје и Поштенска банка АД Скопје, во продолжение даваме едно наше видување за потребата од постоењето на малите банки и можностите за нивниот опстанок, како и наша анализа за потребата и предностите од окрупнувањето на банкарскиот сектор во Република Македонија.
Тенденции во банкарскиот систем од аспект на бројот на банките
Развојот на банкарскиот систем од осамостојувањето на Република Македонија е пропратен со големи турбуленции и прегрупирања, па следствено на тоа и сегментот на мали банки трпеше значајни трансформации и промени. Во моментот на монетарното осамостојување целокупниот банкарскиот систем беше составен од пет банки, а околу 2/3 од банкарското работење беше сконцентрирано во една банка – Стопанска банка АД Скопје. Првата декада од монетарното осамостојување беше проследена со значаен раст на бројот на банките како резултат на основањето на нови банки и декомпозиција на Стопанска банка АД Скопје, така што веќе во 2000 година банкарскиот сектор го сочинуваа 22 банки, со што се разби концентрацијата на банкарскиот систем. Од почетокот на 2000-та вкупниот број на банки бележи константен пад, така што со состојба на 31.12.2012 година банкарскиот систем го сочинуваат 16 банки. Во овој период најголем пад бележат малите банки, кои од 18 се сведени на 5 банки, средните имаат тренд на постојано зголемување на нивниот број претежно преку нивен трансфер од групата мали банки, додека бројот на банките кај групата големи банки е стабилен. Доколку се упросечи бројот на банки за кои е намалена групата на мали банки во периодот 2000 – 2012, тогаш добиваме просечна стапка на намалување на бројот на мали банки од 5,5% годишно.
Постои правило во банкарството според кое големината на банката е правопропорционална со ефикасноста. Тоа би значело дека малите по дефиниција се неефикасни. Очигледни се негативностите на малите банки, но што ќе доминира во една мала банка зависи од случај до случај. Како и да е, ризикот од неуспех кај малите банки е многу поголем. Истото важи и за варијабилноста на растот кај овој сегмент. Кај нив континуирано е присутен проблемот на конкурентноста во поглед на рочноста и каматите, висината на поединечните кредити кои можат да ги одобруваат, како и проблемот на економија на обем што ги прави малите банки помалку конкурентни. Обично односот на оперативните трошоци и приходите во малите банки е 80%, додека кај големите банки овој однос е под 50%. Посебен проблем се банките со пазарен удел под 1%, кои многу споро и тешко го зголемуваат својот обем на работа. Затоа, во услови кога е многу тешко да се зголеми пазарниот удел преку органски раст, како единствено решение понекогаш се јавува спојувањето со друга банка или превземање од страна на поголем банкарски бренд.
Влезот на меѓународните банкарски брендови на домашниот пазар најчесто беше преку аквизиции и превземања на постоечки локални банки од редот на средните или мали банки. Причина за тоа е одредениот пазарен удел што таргет банката веќе го има во земјата, како и избегнување на иницијалните трошоци околу регистрацијата, вработуваањето на кадри, издатоците за маркетинг и сл. По превземњето следи ребрендирање и најчесто докапитализираат со што создава солидна основа за брзо јакнење на нивната пазарна позиција и пазарен удел.
Во моментот од вкупно 16 банки, 8 се во доминантна сопственост на странски банки. Од нив седум се превземени (купени) домашни банки, додека само една е новооснована (грин филд инвестиција)(1). Освен Стопанска банка АД Скопје која беше купена како голема банка, сите други банки во моментот на превземањето беа мали или средни банки. Комерцијална банка, која е најголема банка во земјата, се уште не е дел од некој меѓународен бренд, иако имаше неколкукратни најави за нејзино превземање. Таа како најголемата банка веќе подолг период успешно ја одржува водечката позиција на домашниот пазар и покрај присутната конкуренција од звучни банкарски брендови во повеќе од половината македонски банки.
Што понатаму: превземања, спојувања или органски раст
Во делот на спојувањата присутни се неколку спојувања и/или превземања на банки. Окрупнувањето и консолидацијата на банкарскиот сектор е најизразено во 2001 година кога се случија три превземања / спојувања на банки: 1) Земјоделска банка се присоедини кон Силекс банка; 2) Пелагониска банка од Прилеп се присоедини кон Комерцијална банка од Скопје, и 3) Тетекс банка од Скопје и Кредитна банка од Битола се споија со што беше создадена Тетекс – Кредитна банка. Во 2006 година оваа банка е споена со Тетовска банка од Тетово со што беше создадена ТТК банка. Во 2011 година Статер банка од Куманово, која претходно беше превземена од Централно Кооперативна банка, се присоедини кон истата. Најновото спојување се случи кон крајот на 2012 година кога Зираат банка се присоедини кон Халк Банка (поранешна Извозна и Кредитна банка). Последното е причинето со превземањето на Зираат банка од страна на Халк банка во нивната домицилна земја – Турција. Во предметниот период имаше и едно превземање на штедилница од страна на банка.
Ова покажува дека во банкарската пракса кај нас имаме примери на неколку спојувања помеѓу малите банки и едно превземање на мала банка од страна на поголема. Интересно е што скоро сите банки кои беа предмет на присоединувања / превземања и кои го изгубија својот правен легитимитет беа со седиште надвор од Скопје. Тоа е случајот со Пелагониска банка од Прилеп, Кредитна банка од Битола, Тетовска банка од Тетово и Статер банка од Куманово. Дали тоа укажува на помалата перспектива на банките со седиште надвор од Скопје или повеќе се работи за случајност во овие превземања? Подлабока анализа на ова прашање укажува на вториот заклучок т.е. дека превземањата и спојувањата во РМ не се поврзани со припадноста и седиштето на банката. Постојат примери, како што е Охридска банка, која од регионална прераснаа во успешна национална банкарска институција, што значи дека регионалноста не е пресуден фактор за опстанокот или успешноста на една банка.
Спојувањето само по себе не гарантира успех на новата банкарска институција, но овозможува основа за побрз раст. Дали таа основа ќе се искористи или не, зависи од многу фактори. Впрочем присутни се примерите на неуспешни спојувања на големи банкарски конгломерати на меѓународно ниво. Значи, на секое едно спојување треба да му претходи детална анализа на предностите и негативностите од истото, како и анализа на синергиите што тоа ги носи. Како и да е, консолидацијата на банкарскиот сектор трае веќе подолг временски период што значи дека генерално овој процес се покажа како користен и позитивен, гледано од микро аспект т.е. од аспект на банките. Со спојувањето се подобрува капиталната база на банките, а со тоа и нивниот потенцијал во поглед на износите на поединечен кредит, а воедно се подобруваат условите за кредитирање во делот на поголемата рочност и каматите.
Како можност на малите банки е и влез во инвестиционото банкарство кое опфаќа посредување во издавањето на долгорочни хартии од вредност за сметка на корпоративни клиенти и државни институции. Во услови на банкоцентричен финансиски систем како што е нашиот, ова би претставувало вистинско освежување на финансиските пазари и пионерство во воведувањето на овие активности.
(1) Новооснована банка (green field) со странски капитал е Прокредит, додека останатите седум се превземени домашни банки (Стопанска банка – NBG, Тутунска банка – NLB, Охридска банка – Societe Generrale, Кредитна банка – Alpha Bank, ИК Банка – Halk Bank, Инвестбанка – Sparkasse bank и Силекс банка – Central Cooperative Bank). Новооснована банка беше и Зираат банка која кон крајот на 2012 година се припои кон Халк банка.