Перспективите за Apple во метаверзумот носат нова доза на оптимизам кај инвеститорите

79

Apple можеби не е причина за моменталната еуфорија околу метаверзумот, но компанијата дефинитивно ги жнее придобивките, според Wall Street Journal.

Возбудата околу тоа како производителот на iPhone би можел да има корист од фокусирањето на ова е во срцето на растот на цената на акциите на компанијата во последните месеци, велат инвеститори и аналитичари.

На почетокот на овој месец, Apple накратко стана првата корпорација со пазарна капитализација од повеќе од 3 трилиони долари. Инвеститори и аналитичари велат дека се обложуваат дека Apple ќе обезбеди уреди со проширена реалност следната година, што ќе открие потенцијална нова фаза на раст во наредните години.

Од своја страна, компанијата не открива многу за своите идни планови, иако во последните години извршниот директор Тим Кук добро зборуваше за таквите технологии и рече дека тие ќе бидат клучен дел од иднината на Apple.

Интересот за метаверзумот доби на интензитет откако ко-основачот на Facebook, Марк Закерберг на 28 октомври објави дека ја преименува својата компанија Meta Platforms за да ги истакне нејзините напори да ги искористи предностите на новородениот свет на виртуелната и проширената реалност, VR и AR, соодветно. Иако цената на акцијата на Меtа порасна за 7 отсто од ребрендирањето, вредноста на Apple се зголеми за 18 отсто на 175,08 долари во вторникот.

Во декември, долгогодишната аналитичарка на Apple, Кејти Хуберти од Morgan Stanley, ја зголеми целната цена за акциите на компанијата од 164 на 200 долари по акција поради очекуваниот иден раст поврзан со овие производни линии.

Досега, метаверзумот беше повеќе сон и надеж, но поборниците на идејата велат дека на крајот ќе биде дигитален простор каде што луѓето рутински ќе користат виртуелни аватари за да работат, играат, купуваат и уживаат во забавата. Аналитичарите веруваат дека Apple може да го прошири својот екосистем на хардвер, софтвер и услуги во оваа нова област.

Аналитичарот на Bernstein, Тони Саконаги неодамна им кажа на инвеститорите дека Apple би можел да продаде 22 милиони уреди со проширена реалност до 2030 година, што ќе ги зголеми неговите приходи за 4 отсто, а овие уреди би можеле да носат повеќе од 20% од вкупниот приход до 2040 година.

Apple се соочува со други гиганти за да заземат терен на фронтот на новата технологија, обновувајќи ги старите тензии, иако не е јасно колкав ќе биде пазарот во виртуелниот свет. Меtа со години продава очила за виртуелна реалност и има агресивни планови за проширување. Microsoft продава очила за проширена реалност и исто така соопшти дека има планови за метаверзумот.

Во исто време, некои аналитичари очекуваат дека Apple ќе напредува во уште еден долгорочен проект – електричен автомобил, иако компанијата продолжува да се бори со привлекувањето на таленти во рамките на проектот.

„Многу аналитичари укажуваат на потенцијалот на Apple да го диверзифицира својот бизнис надвор од јадрото со iPhone, кон нови генератори на приходи, како што се проширената и виртуелна реалност, метаверзумот и автономните возила“, рече Ден Морган, виш портфолио менаџер во Synovus Trust.

Последните три месеци од календарската година обично се силен квартал за акциите на Apple, бидејќи компанијата потоа ги лансира своите нови модели на iPhone во септември и ужива голема празнична продажба.

Но, новата возбуда околу акциите на Apple претставува промена од слични периоди минатата година, бидејќи компанијата објави рекордни резултати за фискалната година завршена во септември, откако нејзината прва линија на 5G паметни телефони доведе до скок во приходите и профитот. Перформансите на акциите на Apple обично се забавуваат по толку успешна година, додека инвеститорите го чекаат следното големо ажурирање на iPhone.

Наместо тоа, аналитичарот Ден Ајвс од Wedbush минатиот месец ги зголеми своите очекувања за цената од 185 на 200 долари, благодарение на поголемата доверба во најновата верзија на паметните телефони на Apple – серијата iPhone 13.

Појавата на метаверзумот може да го обнови фокусот на влијанието на Apple. Загриженоста за моќта на Apple во оваа нова област беше во срцето на големата антимонополска тужба поднесена од развивачот на Fortnite, Epic Games. Оттаму тврдат дека Apple има огромен монопол на дистрибуција на софтвер на своите телефони. Epic, исто така, стравува дека правилата и провизиите на гигантот ќе бидат префрлени на новата платформа.

Тужбата е една од најголемите закани за профитабилниот App Store на Apple. По 16-дневно судење во септември, федералниот судија пресуди во корист на технолошкиот гигант, иако нареди да престане да им забранува на развивачите на софтвер да им даваат на корисниците на нивните апликации алтернативни опции за плаќање за да го заобиколуваат системот за купување на Apple, кој собира околу 30% од приходите од дигитална продажба.

На 8 декември, апелациониот суд во САД го одобри барањето на Apple за одложување на наредбата, што всушност значи дека компанијата може да ги одложи сите големи проблеми со години. Ова е уште една добра вест за инвеститорите на Apple.