Пет економски институти прогнозираат пад на германската економија

Според Заедничката економска прогноза на пет реномирани економски институти, растот на бруто домашниот производ на Германија годинава ќе биде негативен и ќе изнесува -0,6 отсто.

Во соопштението објавено од ИФО, еден од институтите кои учествуваа во подготовката на извештајот, се нагласува дека има силна надолна ревизија од 0,9 процентни поени во однос на прогнозата од пролетта 2023 година.

„Најважната причина за оваа ревизија е тоа што индустријата и приватната потрошувачка закрепнуваат побавно отколку што очекувавме во тоа време“, рече во писмена изјава Оливер Холтемолер, потпретседател и шеф за макроекономија во Институтот за економски истражувања Хале (IVH). Се наведува во заедничката изјава објавена од Институтот во Минхен.

Германската економија, како што се посочува, е во пад повеќе од една година.

„Остриот пораст на цените на енергијата во 2022 година нагло го заврши закрепнувањето од последиците од пандемијата. Инфлацијата, која веќе беше во пораст, го надмина нивото од 8 проценти. Последица на тоа е „одземањето“ на куповната моќ од домаќинствата. Исто така, клучните каматни стапки се зголемени за над четири процентни поени, што особено се одрази на градежната индустрија“, се вели во образложението на прогнозата за трендот на германскиот БДП.

Деловното расположение, како што истакнаа економските експерти кои учествуваа во истражувањето, неодамна повторно се влоши, и тоа не само поради зголемената политичка неизвесност.

„Генерално, показателите сугерираат дека производството повторно е значително намалено во третиот квартал од 2023 година. Цените на енергијата паднаа, а извозниците делумно ги надоместија своите повисоки трошоци, па куповната моќ се враќа. Затоа се очекува падот да се намали до крајот на годината, со зголемување на степенот на искористеност на капацитетите“, се наведува во Заедничката економска прогноза.

Кога станува збор за движењето на стапката на БДП на Германија во наредниот период, во 2024 година се очекува раст од 1,3 отсто. „Ваквата прогноза е само за 0,2 процентни поени полоша од очекуваното во пролетта оваа година. Во наредните години, сепак, влијанието на намалувањето на расположливата работна сила врз потенцијалната стапка на раст ќе биде се поочигледно“, се наведува во анализата.

Што се однесува до пазарот на трудот во Германија, во извештајот се посочува дека во 2023 година се очекува само умерен пораст на невработеноста, на 2,6 милиони луѓе, така што нивниот број ќе се намали веќе следната година.

Исто така, се предвидува дека стапката на инфлација во Германија ќе биде 6,1 отсто во 2023 година и дека ќе падне на 2,6 отсто во 2024 година.

Институтите ја гледаат основната инфлација (инфлација без цени на енергијата) на 6,1 отсто оваа година и 3,1 отсто во 2024 година.

Заедничката економска прогноза се објавува двапати годишно во име на Сојузното Министерство за економски прашања и климатски мерки. Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ Берлин), Институтот IFO од Минхен, Килскиот институт за светска економија (IfV Кил), Институтот за економски истражувања Хале (IVH) – член на здружението Лајбниц, како и РВИ – Институтот Лајбниц учествуваше во подготовката на овогодинешниот есенски извештај за економски истражувања во соработка со Институтот за напредни студии од Виена.