Не можеме со сигурност да знаеме каква е иднината за европскиот пазар на недвижности, но на некои места цените би можеле драстично да се променат.
На пазарите каде побарувачката е мала, а достапната понуда е висока, цената на станбените недвижности може драстично да се намали.
Неколку експерти за недвижнини за GO Banking Rates анализираа кои европски пазари на недвижности би можеле да забележат пад на вредноста до крајот на следната година.
Шпанија
Како и многу други делови од светот, шпанскиот пазар на станови беше силно погоден за време на финансиската криза во 2007 година. Цените паднаа од околу 2.874 евра по квадратен метар (во просек) на 2.002 евра за метар квадратен.
Но, после тоа цените повторно пораснаа и сега во просек се 2.809 евра за метар квадратен, што е нешто пониско од 2007 година. Сепак, можно е шпанскиот пазар на недвижности повторно да доживее голем пад на цените во наредните месеци или години.
„Тековните ефекти од Брегзит и активниот отпор кон туризмот, особено во градовите како Барселона и Мајорка, значат дека многу станови за одмор наскоро би можеле да се најдат на пазарот за долгорочно изнајмување“, рече Мартин Орефис, извршен директор на Rent To Own Labs. и додаде дека тоа може да доведе до пад на цените на недвижностите.
Холандија
Брејди Бриџис, брокер и сопственик на Reside Real Estate, рече дека цените веќе паднале на холандскиот пазар на недвижности за 4,49% на крајот на 2022 година.
Бриџис забележа дека може да има неколку причини за ова, вклучувајќи ги високите каматни стапки (кои сè уште се распространет проблем во многу делови од светот) и ограничената понуда на станови.
Според Статиста, просечната цена на станбена куќа во Холандија е 434.000 евра. Одредени области, како Утрехт, моментално имаат повисока цена, 546.000 евра. Други, како Гронинген, имаат просечна цена од 319.000 евра.
Грција
Цените на станбените недвижности во Грција драстично се зголемија на почетокот на 2024 година – за цели 10,76% во однос на претходната година. Цените на куќите се зголемија за околу 2,4% во првиот квартал од 2024 година, но сепак се пониски отколку во многу други европски земји.
И покрај силните знаци на раст оваа година, некои експерти предвидуваат пад во следната година.
„Грција сè уште се опоравува од должничката криза и цените сè уште се повеќе од 40% под нивниот врв пред кризата“, рече Ешли Гаули, експерт за европските пазари за недвижнини.
Исто така, постои можност побарувачката да падне во наредната година, што дополнително ќе придонесе за намалување на цените на недвижностите во земјата.
Италија
Гаули, исто така, предвидува дека цените на италијанскиот пазар на недвижности би можеле нагло да паднат. „Во Италија цените на куќите паднаа за повеќе од 10% во последните пет години.
Земјата се соочува и со одредени политички и економски пречки, како што се високите каматни стапки, што може да доведе до натамошно намалување на цените.
Шведска
Во некои шведски градови, како што е Стокхолм, цените веќе почнаа да паѓаат, а има знаци дека падот може да продолжи.
Мајкл Котлер, основач на Move Ahead Homes, вели дека вредноста на недвижностите расте во Шведска веќе долго време. „Меѓутоа, како што се зголемија каматните стапки и трошоците за хипотека, мислам дека на нивниот пазар доаѓа „заладување“.
Најновиот извештај за пазарот на глобалниот водич за имот откри дека шведскиот пазар на станови неодамна доживеа значителен пад.
„Во текот на 2023 година, националниот индекс на цените на домовите падна за 6,31%, полошо од минатогодишниот пад од 3,73% и во остар контраст со порастот од 15,78% во 2021 година“, се вели во извештајот, кој исто така додава дека минатата година била најлош резултат од 1993 година.
Според Котлер, цените на недвижностите во урбаните области – како што е Стокхолм – би можеле дополнително да паднат поради економската несигурност и намалената побарувачка на купувачите.