Некогаш на овие места беа дозволени само еден телефонски повик, бајат сендвич и тврд неудобен кревет. Сега може да се ужива во врвна услуга, вкусни деликатеси и најудобни сместувања. Погледнете ги некогашните озлогласени затвори претворени во луксузни хотели.
Lloyd Hotel
Овој хотел е изграден уште во 1921. Најпрво неговата намена беше за сместување на богатите Европјани кои доаѓаа со бродовите на Royal Dutch Lloyd од посета на Јужна Америка. По банкротот во 1935, Евреите од Русија тука наоѓаа засолниште. Подоцна, за време на Втората светска војна, Германците на истото место држеа затвореници. Со доаѓањето на 90 тите во зградата почнаа повторно да се изнајмуваат соби, овој пат на уметници како простор за работа. Во 2004 објектот одново беше отворен како бутик-хотел и сега е едно од најпознатите место во Амстердам. Lloyd Hotel прв во светот понуди соби од 1 до 5 ѕвезди, за гости од секаков статус, почнувајќи од оние кои можат да си дозволат само удобен кревет, до такви на кои луксузот им е секојдневие. Најексклузивните апартмани нудат топли кади со прекрасен поглед на месечината, лулашка која виси од плафонот или елегантно пијано кое ве инспирира за романтична вечер.
The Thief
Во 18 век на ова место биле носени сите разбојници и крадци и им се судело за нивните злодела. Денес овој Thief Island, како што бил познат во минатото, е еден од најраздвижените бизнис центри и места за забава во Осло. Неговото име денес е Tjuvholmen, прекрасен полуостров кој изобилува со богата архитектура, модерни музеи, шопинг центри, ресторани, барови. Во самиот центар на полуостровот се наоѓа и Thief хотелот. Во него ќе најдете телевизори со рамен LCD екран во секоја соба и квалитетен и брз интернет. Потоа, душеци и перници од Høie, Nespresso машина за кафе, пространи бањи со дождовен туш и многу други лускузни уживања.
Four Seasons Istanbul
На само неколку чекори од познатите знаменитости на Истанбул како Аја Софија (6 век), Палатата Топкапи (15 век) и Сината Џамија (17 век) се наоѓа Four Seasons Istanbul. Порано овој хотел беше користен како затвор каде својата казна ја одлежуваа политички затвореници, како познатиот турски поет и комунистички револуционер Назим Хикмет. Во 1996 ова прекрасно нео-класично здание беше претворено во интимен луксузен хотел со 65 соби. Пространите апартмани се направени во духот на архитектурата на стариот Истанбул, со ориентални детали, подови од цврсто дрво и мермерни бањи. Посетителите можат да уживаат во трите ресторани пиејќи турски чај и насладувајќи се со традиционалните специјалитети.
Malmaison Oxford
Хотелот Malmaison Oxford во Винчестер, Англија, на некој начин го отсликува своето минато. Во гостинските соби се наѕираат цигли, вратите се од тежок метал, а магливото светло потсетува на затворска ќелија. Од друга страна пак бесплатниот Wi-Fi, CD плеерите и дигиталната телевизија прават да се чувствувате како добредојден гостин. Кога ќе се симнете надолу по автентичните затворски скали кон ресторанот Mal Brasserie, ќе слушнете како персоналот изустува реченици од типот “Кажете ја последната желба” или “Вие, зад решетки.”
Liberty Hotel
Овој хотел, избран за еден од најдобрите хотели во САД во 2011, пред само 22 години беше познат во Бостон како Затворот на улицата Чарлс. По вложени 150 милиони долари за “реновирање” на неговото минато, тој беше повторно отворен во 2007, овој пат како хотел кој топло ги пречекува патниците од целиот свет. Новиот дизајн во главната зграда вклучува прозорци кои зафаќаат простор од три ката со цел хотелот да добива повеќе природна светлина. На менито гостите можат да уживаат во вкусот на прекрасните јадења приготвени да одговараат на секое годишно време, како и во барот Alibi, место каде што можат да се пробаат коктели од врвни коктел мајстори, додека седите опкружени со фотографии од познати личности.