
Зголемувањето на минималната плата е неопходно, бидејќи нејзината основна цел е да го одржи стандардот на живеење на лицата со најниски примања.
Во однос на нејзиниот однос со просечната плата, таа се приближува кон 60 проценти, што според мене е прифатливо, изјави денеска Марјан Петрески од Фајнанс тинк.
“Кога зборуваме за минималната плата треба да внимаваме на два аспекта – што дополнителниот товар ќе значи за економијата и за оние што треба тие плати да ги исплаќаат или што ќе значи за Буџетот ако тој товар се префрла на Буџетот.”
“Вториот аспект е што поголемата маса на средства во економијата може да предизвика за цените, односно за инфлацијата.”
“Во моментов движењата се поволни, во последниот месец имаме подобрување во смисла на намалување на цените и вкупно и особено кај храната и мислам дека политиките треба да бидат особено внимателни за таквиот тренд да не се наруши,” рече Петрески во одговор на прашање од новинар пред почетокот на економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“, организиран од Фајнанс тинк – Институт за економски истражувања и политики, Скопје.
Тој истакна дека за разлика од зголемувањето на минималната плата, неселективното зголемување на пензиите во извесна смисла беше спротивно на концептот за фискална консолидација.