Петто издание на AllWeb: Квалитетни говорници и актуелни теми навестуваат врвна конференција

47

allweb

Еднодневната конференција за дигитален маркетинг, AllWeb своето петто издание ќе го има на 18 ноември во Скопје. Форматот, којшто се покажа дека ѝ одговара на публиката во изминатите години, останува ист: комбинација  на презентации и панел дискусии, одлични говорници и содржина и супер можност за професионално дружење.

Навиките и однесувањето на корисниците на паметни (мобилни) уреди, комуникацијата во движење, константното барање нови канали и целни групи за маркетинг комуникација ќе бидат носечките теми на конференцијата.

И оваа година акцентот е ставен на содржината на програмата и квалитетот на говорниците.

“Присутните ќе имаат можност да ги проследат презентациите на Скот Морисон кој има работено за Дизел, Левис, Старбакс, Редбул. Доаѓа и Мајк Бучер од Теккранч- најголемиот сајт кој објавува информации за технолошките компании во светот; исто така и сениорот во ПР и стратешки комуникации Марк Турнбул од СЦЛ Груп. Имаме луѓе од Дојче Телеком, Соушлбејкерс, Дентсу, Агрокор, но она што е далеку поважно е дека станува збор за врвни експерти и предавачи во своите области со долгогодишно искуство”, вели Дарко Булдиоски, програмски директор на AllWeb конференцијата.

Интересот за овој настан и оваа година е голем, а информациите и контактите кои можат да се стекнат таму се непроценливи, додава Булдиоски. Во публиката на AllWeb доминираат претставници на компании, маркетинг и ПР агенции, претприемачи, но и студенти и луѓе кои се насочени кон дигитална трансформација, развој и менаџмент.

Влезниците веќе се пуштени во продажба, а до крајот на септември може да се набават по намалена цена.

Повеќе информации за говорниците, програмата и за самата конференција можат да се најдат на www.allweb.mk.