PEZ – од мали слатки бонбони до голема колекционерска пасија

716

Мега популарните PEZ бонбони познати по својата креативна кутија, својата “авантура“ ја започнаа во далечната 1927 година како тркалезни пеперминт бонбони, а зад нивната првобитна креација стои австрискиот бизнисмен Едвард Хас III. Името PEZ доаѓа од германскиот збор за пеперминт Pffefferminz, односно од трите букви P, E и Z што ги содржи самиот збор.

Во 1935 година, во тогашна Чехословачка се отвора нова PEZ фабрика со цел да се прошири и зголеми производството. До 1948 година, малите бонбони се продаваат спакувани во џебно пакетче, а потоа на сцена стапува пронаоѓачот Оскар Укса, кој креира малечка механичка кутија што “пропушта“ по една бонбона.

Изумот покрај тоа што беше интересна креација, претставуваше и хигиенска мерка при јадење на бонбоните. Исто така, послужи и во кампања против пушењето, од причина што кутијата изгледаше како запалка, па на пушачите им се предлагаше да се “навлечат“ на PEZ наместо на цигари.

Оригиналната кутија – диспензер содржеше 12 бонбони, а истата бројка е задржана до денес. Во 1957 година, компанијата за прв пат додава тридимензионален лик на врвот на пакувањето. Прв употребен лик е “вештерка“, како е симбол за празникот Halloween, додека следната година, Попај морнарот станува првиот лиценциран PEZ лик. По него следуваат полицаец, витез, шеик и доктор.

Популарните австриски бонбони се шират и преку океанот, во САД. Нивната популарност станува толку голема што во 1973 година се отвора фабрика за производство во Конектикат.

Во 1978 година, PEZ за прв пат претставува гумена глава на лик која што може да се замени, а во 80-тите се додаваат “нозете“ на кутијата со што собирањето на PEZ кутии станува и хоби на многу колекционери. Следната декада ја одбележува и првата конвенција на PEZ колекционери којашто се одржа во Охајо на 15-ти јуни 1991 година.

Љубители и собирачи на PEZ од САД, Канада, Европа и Јапонија имаа ретка можност да придонесат за  поголема популарност на брендот и да го направат интернационален феномен. Конвенциите од тогаш се одржуваат секоја година во Австрија, Финска, Франција, Шведска и во повеќе држави во САД.

Успехот не застанува тука, па во 1993година  престижниот магазин Forbes пушта број во продажба со PEZ бонбоните на насловна страна, а аукциската куќа Christie од Њујорк ја одржува првата аукција каде што едни од “ѕвездите“ се токму PEZ.

Новиот милениум носи нови ликови. Во 2000 година компанијата ги претстави Fuzzy Friends, со што пластичните кутии за прв добиваат изглед на кадифени животни. Првата лимитирана колекција на PEZ бонбони беше пуштена во продажба во 2005 година на којашто се најдоа популарните ликови од Star Wars.

Денес, брендот го има во повеќе од 90 земји во светот, вклучува стотици ликови, а една оригинална PEZ кутија може да достигне цена од десетици илјади долари.

Фото: Facebook