Pfizer ја тужи Унгарија

30

Судскиот документ, до кој дојдоа новинарите на Политико, покажува дека Pfizer, заедно со својот партнер BioNTech, уште во јануари оваа година покренале правна постапка против унгарската влада во врска со испораката на вакцината против Ковид-19. Портпаролот на Pfizer потврди дека случајот е во тек пред белгискиот суд.
„Разговорите со владата во Будимпешта продолжуваат“, рече тој. Документот покажува дека случајот се однесува на исплата на 3 милиони дози од вакцината BioNTech/Pfizer, вредна околу 60 милиони евра. Спорот започна кога Унгарија минатиот ноември го извести Pfizer дека нема намера да ги плати спорните дози на фармацевтската компанија, наведувајќи го како причина конфликтот во Украина.

Судијата го одржа првото рочиште за случајот во март и го одби барањето на Фајзер за брзо одлучување. Оттогаш, случајот не напредува. Тужбата на Pfizer против Унгарија е паралелна со онаа што фармацевтската компанија ја покрена против Полска. Во двата случаи, земјите беа тужени пред граѓански суд затоа што одбија да ги преземат и платат пратките на вакцината против Ковид-19.

Вчера, Основниот суд во Брисел одржа кратко прво рочиште во врска со случајот на Фајзер против Полска. Двете страни се договорија расправата да се одложи до 30 јануари. Во случајот со Полска, спорот е околу испораката на 60 милиони дози кои земјата одби да ги прифати во април минатата година.

Во тоа време, Варшава се повика на виша сила – наведувајќи го притисокот врз нејзините финансии по приливот на бегалци поради руската инвазија на Украина. Минатиот месец, непосредно по полските избори, Pfizer објави дека ја води Варшава на суд поради пропуштената исплата, која Politico ја процени на околу 1,2 милијарди евра.

Во постапката се приклучи и германската BioNTech. Овие два случаи се придружуваат на се поголем број правни дејствија поврзани со напорите на Европската унија за набавка на вакцини за време на пандемијата. Во Романија, обвинителите сакаат да им го одземат имунитетот на поранешниот премиер Флорин Цицу и на двајца поранешни министри за здравство, тврдејќи дека купиле премногу вакцини и со тоа нанеле штета на државата од повеќе од една милијарда евра, пренесе СЕЕБиз.