Pfizer во третиот квартал со загуба

47

Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ забележа загуба од 2,4 милијарди долари во третиот квартал по добивката од 8,6 милијарди долари во истиот период минатата година во услови на остар пад на приходите поврзани со „Ковид-19“.
Сепак, компанијата останува оптимист за исполнување на овогодинешните цели откако доби одобрение за нови лекови.

Резултатите беа влошени и со отписот на залихите на лекови и вакцини против Ковид-19 во вредност од 5,6 милијарди долари, се сумира во извештајот на француската новинска агенција АФП.

Приходите од продажба се намалија за 42 отсто на 13,2 милијарди долари во кварталот.

Бидејќи Pfizer бележи раст на продажбата на производи кои не се поврзани со Ковид-19, компанијата е оптимист за постигнување на целите за оваа година.

„Постигнавме неколку пресвртници кои зборуваат за почетната сила и широчина на нашиот научен развој“, рече извршниот директор Алберт Бурла. Меѓу другото, тој ги истакна владините одобренија во САД и Европа за лек против респираторен синцицијален вирус (РСВ) и третмани за губење на косата и рак на белите дробови.

Компанијата годинава не ги откупи сопствените акции, а не планира тоа да го направи ниту во последниот квартал.