Пицата лани во ЕУ поскапела за 16 отсто

52

Цената на пицата и француската пита киш во Европската унија се зголеми за 16 отсто во декември во однос на претходната година, објави статистичката агенција Евростат на европскиот блок.

Додека љубителите на храна во САД се подготвуваат да го прослават Националниот ден на пицата на 9 февруари, потрошувачите во ЕУ ќе мора да издвојат повеќе пари за да уживаат во парче од најпознатата италијанска брза храна, објави Ројтерс.

Порастот на цените на пиците варираше во земјите од ЕУ, при што Унгарија е на врвот на листата на Евростат со годишен раст на цените од 46 отсто, а по неа следат Литванија и Бугарија со 39 отсто.

Според новиот показател на Евростат, најниско поскапување на пицата и кишот е забележано во Луксембург од седум отсто, Италија со 10 отсто и Франција со 13 отсто.

Вкупната инфлација во еврозоната порасна во декември за 9,2 отсто на годишна основа, при што цените на храната, алкохолот и тутунот се зголемија за 13,8 отсто, објави агенцијата минатиот месец.