Пијан зад волан, апсолутно никогаш! Без изговори, без оправдувања!

27

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, вели дека возачот не смее да управува со возило во сообраќај на пат, ниту да започне да управува со возило, ако е под дејство на алкохол. Под дејство на алкохол, се смета лице, за кое ќе се утврди дека количината на алкохол во крвта, изнесува повеќе од 0.50 г/кг. Толеранцијата на алкохол за возач-почетник е приближно еднаква на 0-нула. Казнените санкции, во зависност од количината на алкохол во крвта, изнесуваат до 375 евра во денарска противвредност, односно до 60 негативни бода во возачката книшка, од максимум 100 и забрана за управување возило до 12 месеци.

Законот е прецизен и јасен. Некои сметаат дека казните се високи и нереални. Други дека треба да бидат уште повисоки. Анкетното истражување на РСБСП, покажува дека 85% од возачите, барем еднаш во животот возеле под дејство на алкохол. Реалноста е сурова и загрижувачка: секојдневно, голем број сообраќајни незгоди се предизвикани од пијани возачи.

Зошто е тоа така? Затоа што возачите не ја сфаќаат сериозноста на проблемот и постојано бараат изговори како да го оправдаат своето неразумно и непромислено однесување во сообраќајот и со тоа да ја помират својата совест.

Управувањето со моторно возило под дејство на алкохол, е чин кој нема никаква смисла и логика за оправдување. Да се вози под дејство на алкохол, не само што значи непочитување на Законот, туку и непочитување на основните хумани и цивилизациски вредности. Да возиш пијан, значи дека не го почитуваш сопствениот живот, дека не го почитуваш животот и здравјето на твоите најблиски, дека не го почитуваш човечкиот живот, без разлика за кој човек станува збор.

Судејќи според последиците, можеме да кажеме дека, возењето пијан е исто како да насочиш оружје кон недолжен случаен минувач.   

Речиси и да нема возач кој не е свесен за штетното влијание на алкохолот врз способноста за управување со моторно возило. Сепак, истражувањата на РСБСП покажуваат дека дури 85% од возачите во Република Македонија, барем еднаш управувале моторно возило под дејство на алкохол.  

Се поставува прашањето: Зошто е тоа така, кога скоро сите возачи се свесни за страшните последици од возењето во пијана состојба? Еден од најверојатните одговори е бидејќи никој не верува дека токму него може да му се случи сообраќајна незгода и дека токму тој може да биде потенцијална жртва.  

Па така, во обид да се помират самите со себе и делумно да ја помират својата совест, неодговорните возачи често пати наоѓаат изговори. Еден вели: Сум возел и друг пат малку пијан, па ништо не ми се случи. Друг вели: Мене алкохолот не ми влијае, можам да возам и пијан. Трет вели: Од две-три пијачки не си пијан, можеш да возиш без никој да те примети.  Четврт вели: Еднаш ако возиш пијан, не значи дека веднаш ќе направиш сообраќајна незгода. Некој шести, пак: Патувам на кратко растојание, не е страшно ако се напијам неколку пијачки. .. и така по ред, до недоглед.

Има и такви кои единствено од што се плашат – е сообраќајната полиција. Нив казната повеќе ги боли, а нивните изговори звучат вака: Нема полиција, нема да ме казнат., Имам луѓе, ќе ми ја ׳скинат׳ казната., Ќе возам по споредни улици, таму нема полиција., И да ме казнат, нема да платам, не сум вработен, немаат можност да ми наплатат., И да ме казнат, татко ми ќе плати, тоа за него не се големи пари.

Вакви изговори, такви изговори и на крај 85% од возачите барем еднаш управувале моторно возило под дејство на алкохол.

Изговорите велат едно, фактите и статистиката велат дека алкохолот сериозно ги нарушува возачките способности. Резултат на нарушената психомоторна способност кај возачите, се големиот број загинати и повредени лица на патиштата во Македонија. Сообраќајните незгоди се случуваат секому, секогаш и секаде и тоа кога најмалку очекувате. Ниеден настрадан во сообраќајна незгода, не ни сонувал дека баш него може да му се случи тоа.

Истражувањата покажуваат дека најголем број од сообраќајните незгоди, во кои учествуваат пијани возачи, завршуваат со сериозни и фатални последици. Најголем број од возачите, кои возеле под дејство на алкохол, патувале на кратко растојание до 20 километри. Впрочем, сигурно дека никој под дејство на алкохол, нема да тргне на пат од 1000 километри.

Изговорите велат едно, статистиката покажува друго. РСБСП со став: Само една грешка, само еднаш, ама последиците се за секогаш, тие не прават разлика. Тие се фатални, трајни ненадоместливи, без можност за поправка, без можност за оправдување. Затоа, без изговори и без оправдувања. Пијан зад воланот, апсолутно никогаш!