Пивара Скопје АД на македонскиот пазар го лансира новиот пивски бренд Amstel Premium Pilsner што се произведува во нејзините погони. За новата производна линија од компанијата вложиле 600.000 евра сопствени стредства.
“Со оваа инвестиција првпат во Македонија целосно ќе се произведува еден светски бренд со што земјава ја ставивме на мапата на производители на глобални пивски брендови”, изјави Јаак Микел, генералниот директор на Пивара Скопје на денешната промоција на пивото.
Тој посочи дека воведувањето на Amstel Premium Pilsner во производното портфолио на Пивара Скопје претставува круна на достигнувањата на компанијата.
Нагласи дека компанијата е задоволна од досегашната продажба на нејзините производи во Македонија и додаде дека очекува новиот бренд да придонесе за уште подобра продажба.
Amstel Premium Pilsner со годишно производство од над 10 милиони хектолитри е петтиот најсилен пивски бренд во светот. Тој е достапен на над 75 пазари ширум светот.