Пиварите оптимисти: Очекуваат раст на продажбата во 2024 година

19

Продажбата на пивото ќе закрепне оваа година, проценуваат производителите ширум светот, потпирајќи се на летните спортски настани, поблагите поскапувања и поповолните временски услови.

Хајнекен, вториот најголем производител на пиво во светот, објави дека неговата продажба се зголемила веќе во првиот квартал од 2024 година, за прв пат по повеќе од осум години. Карлсберг му се придружи.

Доколку се зголеми продажбата во вториот квартал, AB InBev ќе ја прекине негативната серија што започна во првиот квартал на 2023 година, пренесува Хина.

Пиварите очекуваат раст и поради летните спортски настани. Европското фудбалско првенство започнува во јуни, а Олимписките игри во Париз во јули.

Ако времето е помалку екстремно од минатото лето, спортските настани би можеле да ја зголемат продажбата дури и во зрелите пивски региони како Западна Европа, рече извршниот директор на Карлсберг, Џејкоб Аруп-Андерсен.

Пиварите имаат повисоки приходи во последните години поради поскапувањето. Другата страна на медалот беше значително послаб раст или дури и пад на продажбата. Компаниите нагло ги зголемија цените за да ги покријат повисоките трошоци за суровините, како што се јачменот и алуминиумот. Во меѓувреме, трошоците се стабилизираа и поскапувањата треба да бидат поблаги.

„Зголемените цени беа главниот извор на раст во последните две години. Сега се надеваме дека обемот на продажба ќе ја преземе таа улога“, рече менаџерот на фондот во Tresides Asset Management Berndt Maisch.