Планирате стан на кредит? Прво одговорете на овие прашања

120

Обезбедувањето сопствен покрив над глава претставува една од најважните инвестиции што може да ги направите во животот. Секој има право да го одбере местото каде што ќе живее, а пандемијата само нè потсети колку треба да ја почитуваме топлината што ја нуди секој дом.

Доколку сè уште не сте го решиле станбеното прашање, размислувате да земете кредит, разгледувате станови, се двоумите за изградба на куќа… Важно е да го знаете одговорот на овие важни прашања, што ќе ви помогне да дојдете до решението што најмногу ви одговара.

Зошто купувате стан?

Постојат повеќе причини поради кои сакате да почнете ново поглавје во животот и да инвестирате во недвижен имот. Можеби тоа е поради почеток на заеднички живот со партнерот, сакате да бидете самостојни и да не живеете повеќе со родителите, долго време сте потстанар и конечно сакате свој дом… Направете убава анализа на тоа дали во овој момент оваа голема инвестиција ќе биде исплатлива, дали ќе ви создаде дополнителни трошоци, непотребни главоболки.

Дали знаете што сакате – стан или куќа?

Бидејќи се работи за крупен животен чекор, претходно добро треба да размислите што сакате. Дали тоа да биде стан во центарот на градот, на периферијата или куќа што е веќе изградена или сакате сами да си ја создадете куќата од соништата. Разгледајте го она што се нуди на пазарот, споредете ги цените, направете проценка на можните ризици и секако прилагодете се според важите желби, потреби и животен стил.

Дали е паметно да се задолжите, да земете кредит или да продадете имот?

Доколку имате слободни финансиски средства, тогаш купување на стан или куќа ќе биде само добра инвестиција, но ако мора да се задолжите со кредит или заем од блиските, тогаш мора да направите добра калкулација. Тоа значи дека треба да ги земете вашите месечни примања и дали ќе имате доволно за сите останати трошоци, откако банката ќе ви ја наплати месечната рата. Не избрзувајте со донесување одлука, па ако имате потреба, тогаш побарајте совет од некој кој е стручен во таа област, па ќе ви каже дали е паметно да се задолжите или да продадете некој недвижен имот за да си обезбедите дом.

Фото: Freepik