Пластиката ќе го надмине јагленот во емисиите на стакленички гасови до 2030 година

61

Јаглеродно интезивното производство на пластика се развива со брзина која ќе испушта повеќе стакленички гасови од електраните на јаглен оваа деценија, што ги поткопува глобалните напори за справување со климатските промени, се вели во извештајот објавен минатата недела.

Извештајот на колеџот Bennington College и Beyond Plastics проценува дека пластичната индустрија испушта најмалку 232 милиони тони стакленички гасови секоја година во текот на својот животен циклус – од сондажите за нафта и гас за гориво за опремата до согорување на пластичен отпад. Ова е еквивалент на 116 електрани на јаглен.

„Степенот на емисиите на стакленички гасови од индустријата за пластика е запрепастувачки, но исто толку загрижувачки е што малку луѓе во владата или бизнис заедницата дури зборуваат за тоа“, рече Џудит Енк, поранешен регионален администратор во американската Агенција за заштита на животната средина и претседател на Beyond Plastics, за Ројтерс.

Покрај тоа, извештајот покажа дека петрохемиските капацитети имаат тенденција да бидат концентрирани во голема мера во заедниците со ниски приходи и во малцинските заедници, каде што се случува 90% од загадувањето.

Со најмалку десетина фабрики за пластика во изградба и уште 15 планирани само во Соединетите Држави, емисиите што произлегуваат ќе ги поткопаат сите придобивки од постепеното укинување на јагленот и преминувањето кон пообновливи извори на енергија, рече Енк.

Во извештајот се вели и дека САД можеби ги потцениле емисиите и загадувањето на воздухот поврзани со различните фази на производство на пластика и извозот на пластичен отпад. Тоа е затоа што американските регулативи не бараат од индустријата за пластика да ги пријави, а ниту една федерална агенција не ги следи, рече авторот на извештајот Џим Валет од групата за истражување Material Research.

Портпаролот на Здружението за пластика Џорџ О’Конор во изјава посочува дека извештајот „избира податоци“ и посочи на други студии кои покажаа дека пластиката всушност води кон помала емисија на јаглерод поради нивната помала тежина и издржливост во споредба со алтернативите, како што се стаклото и хартијата.

Енк рече дека извештајот се заснова на податоци од федералните агенции, вклучително и Агенцијата за заштита на животната средина и Одделот за трговија, кои се засноваат на податоци од пластичната индустрија. Таа призна дека пластиката е лесна и издржлива, но додаде дека пресметките на индустријата ги игнорираат другите фактори кои ги зголемуваат емисиите.