Плата на лекар специјалист во земјава е меѓу 75.000 и 160.000 денари

700

Епидемијата само потврди дека здравството е еден од основните столбови на државата и дека квалификуван и мотивиран медицински кадар е еден од основните предуслови за квалитетно здравство. Досега се направени вложувања во човечкиот капитал на сите нивоа, вели министерот за здравство, Венко Филипче, во интервју за Локално.мк.

“Денеска, на пример, платата на лекар специјалист е помеѓу 75.000 и 160.000 денари, претходно беше помеѓу 60.000 и 70.000 денари. Дежурствата претходно беа од 800, 1.200 до 2.500 денари, сега се помеѓу 3.500 и 10.000 денари. Ваква инвестиција во примањата на лекарите немало никогаш во историјата на здравствениот систем во земјата. Загарантирано платено работно место во период од шест месеци за секој еден млад лекар којшто ќе го заврши испитот во лекарската комора и ќе добие лиценца“, рече Филипче.

За 15%, како што вели тој, е зголемен капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија, дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавно-здравствените установи во земјава, над 1.000 специјализации и супспецијализации.

“Со сите овие мерки, не само што ги зајакнавме професионалните капацитети на здравствените работници, туку овозможивме услови за нивна работа дома и можност тие својата иднина и кариера да ја гледаат во нашето јавно здравство. А тоа се покажа како вистински потег. Ковид кризата уште еднаш покажа колку е важно да имаме квалитетни медицински работници. Во кризата, ние дополнително ги наградивме здравствените работници кои работат со ковид пациенти со 40% од плата. Но не застануваме тука. И во програмата на новата влада е предвидено платите на здравствените работници да растат, до крајот на новиот мандат до 40%“, вели министерот за здравство во интервјуто.

На прашањето кои се меѓу најважните проекти на коишто неговиот ресор ќе се фокусира во следниот период, Филипче рече дека во новиот четиригодишен мандат ќе почне да се гради новиот Клинички центар.

“Со Ковид-19 се видоа недостатоците на поставеноста на клиниките, посебно во клиничкиот центар кои физички се оддалечени што претставува пречка за интегриран тип на здравствена услуга и брза размена на стручни лица. Постапката практично започна. Ние ја прекинавме поради изборниот процес, корона кризата и сега треба да продолжи. Клиничкиот центар ќе биде во четири блока, а верувам дека првиот блок дефинитивно ќе биде завршен во следните четири години. Со тоа дел од сегашните клиники ќе се преселат, а приоритет ќе имаат хируршките клиники и операционите сали, и сè што е поврзано со хируршка интервенција. Како ќе се завршуваат следните блокови ќе се префрлуваат и другите клиники. Проценката е дека новиот клинички центар ќе чини околу 450 милиони евра, нешто што сметам дека ќе биде и одлична финансиска инјекција и за целокупната економија. Веќе се започнати проектите, дел се и завршени во општината Ѓорче Петров за локалната инфраструктура, локален пат, струја, водовод итн. Така што, сметам дека ќе биде навистина значајна инвестиција генерално за нашата економија“, вели Филипче во интервјуто за Локално.мк.

Фото: Freepik