Плејбој и милијардер што се збогати пред 50-тата

208

Лери Елисон е 76-годишен милијардер, еден од основачите на Oracle, кој важи за еден од најинтересните личноста во светот на технологијата. Имал тешко детство, а во младоста дури двапати се откажувал од студиите, но вистинската пресвртница се случила кога Елисон работел за компанија Ampex, којашто имала договор за база на податоци на CIA под кодно име Oracle.

Денес, според Forbes, располага со богатство од 75,7 милијарди долари, но не бил отсекогаш толку богат. Во далечната 1977-ма година, Елисон заедно со двајца партнери основа нова компанија за развој на софтвер. Ја основале со 2.000 долари, од кои 1.200 им биле од лична заштеда.

Во 80-тите години, Oracle регистрира одлични деловни резултати, излегува на берза од каде што собира капитал од 55 милиони долари. На почетокот на 90-тите се соочува со одредени проблеми, па од Oracle се отпуштени 10% од вработените, што според Елисон подоцна ќе биде “најголемата деловна грешка“ што некогаш ја направил.

Сепак, успеал потенцијалната загуба и неуспех да ги претвори во голема победа и успех. Марк Бениоф го напушта Oracle, за да ја формира Salesforce, во којашто Елисон е еден од главните инвеститори. По одредени турбуленции, Salesforce е силна конкуренција на Елисон, но тој заработува кога добро им оди, бидејќи е еден од најголемите акционери во компанијата, пишува Business Insider.

Официјално во 2014-та година, Елисон го отстапува местото извршен директор во Oracle, каде што ја извршува само претседателската функција.

Познат е по тоа што станува милијардер на свои 49 години, но и по тоа што е ексцентричен кога станува збор за трошење на заработените пари на луксуз. Во 2012-та купил цел остров на Хаваите, а сопственик е и на различни луксузни недвижнини.

Во 2018-та година, Елисон е дел од Управниот одбор на Tesla, бидејќи бил еден од главните инвеститори во бизнисот на Илон Маск.

Тој веќе поседува три милиони акции во Tesla и е близок пријател на Илон Маск.

Елисон е еден од оние филантропи што вети дека ќе донира 95% од неговото богатство пред да почине. Тој е познат и по хуманите активности, а една од поголемите е донација од 200 милиони долари во центар за лекување рак на Универзитетот Јужна Калифорнија.

Кога станува збор за приватниот живот, Елисон се женел и разведувал четири пати. Заедно со неговото богатство, стекнал репутација на меѓународен плејбој. Елисон има две деца, кои се дел од филмската индустрија.

Исто така, важи за отворен поддржувач на актуелниот американски претседател, Доналд Трамп.

Фото: Facebook