Плитвичките езера во Хрватска стануваат еден од најскапите паркови во светот

273

Со поскапување на влезницата за време на летниот период на 40 евра, Плитвичките езера во Хрватска стануваат еден од најскапите национални паркови во светот.

Управата го оправдува овој потег со фактот дека треба да се ограничи бројот на посетители бидејќи оваа светска дестинација, којашто е природно наследство, е загрозена поради гужвата.

Цената од 40 евра за возрасни се однесува на посетите во јуни, јули, август и септември. Цената за деца до 18 години изнесува 16 евра. Тоа значи дека за едно четиричлено семејство ќе треба да се плати околу 112 евра, при што треба да се додадат трошоците за храна, пијалаци и паркинг и цената расте на 134 евра.

“Целта е да постигнеме одржливо управување. Во последните две години многу се направи за заштита на природата од отпадни води и очекуваме дека на конференција во јули ќе добиеме позитивно мислење од УНЕСКО за 2019 година“, велат од управата.

Новиот ценовник стапи на сила на први јануари, а на туристичките агенции е најавен уште минатата година, соопшти управникот на Националниот парк Плитвички езера, Томислав Ковачевиќ.

Со програмата за управување со посетители, бројот на влезници е ограничен на 12.000 дневно, додека претходните лета бил 15.000 – 16.000 влезници. Лани Плитвичките езера оствариле приходи во износ од околу 53 милиони евра.

Речиси сите најпознати паркови во светот имаат поевтини влезници. На пример, за да го видите Големиот Кањон во САД треба да издвоите 35 долари ако влегувате со возило или 20 долари пеш или со велосипед. Влезниците за американскиот Јелоустоун се 30 долари со возило, односно 15 долари пеш или со велосипед и тоа до седум дена престој, додека посетата на Нијагарините водопади во Канада е бесплатна.

Фото: Facebook