По 12 години заврши европскиот надзор на грчките финансии и реформи

128

По 12 години надзор на Европската комисија (ЕК), дојде историски ден за Грција и Грците, кои вртат нова страница, објави во саботата премиерот Киријакос Мицотакис.

„Тоа е затворање на 12-годишниот циклус што им донесе болка на грчките жители, ја забави економијата и го подели општеството“, рече Мицотакис.

Тој најави дека Грците имаат нов хоризонт на раст, единство и просперитет, пренесува SEEbiz.

Во 2010 година, во времето на тешката финансиска состојба на земјата, грчката влада се обрати до Европската унија (ЕУ), Европската централна банка (ЕЦБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за помош, пишува агенцијата Франс прес.

Таканаречената „тројка“ во три наврати и позајми на Грција 289 милијарди евра, барајќи мерки за штедење со цел подобрување на јавните финансии и полнење на државната каса.

Атина ги намали пензиите и платите, ги зголеми даноците, го запре вработувањето во јавниот сектор и ги намали буџетите на администрациите, болниците и јавните институции.

Третиот круг помош заврши во 2018 година, но ЕК потоа започна зголемен надзор на грчката економија за да го контролира спроведувањето на реформите. Атина, исто така, вети дека ќе одржи буџетски суфицит од 3,5 отсто додека не се отплати долгот.

„Грција денес е поинаква земја“, рече Мицотакис.