
Европската Унија и Индонезија потпишаа трговски договор кој предвидува укинување на повеќе од 98 проценти од царините и отвора нови можности за трговија и инвестиции.
Договорот, кој се преговараше повеќе од девет години, беше потпишан за време на посетата на европскиот комесар за трговија и економска безбедност Марош Шефчовиќ на Џакарта, пишува „Волстрит џурнал“ (WSJ).
Според европскиот комесар, договорот ги отстранува речиси сите бариери за трговија и отвора нови можности за странски инвестиции, а планот треба да биде ратификуван до 1 јануари 2027 година.
Според проценките, договорот би можел да го удвои обемот на трговијата во следните пет години, бидејќи Индонезија добива поширок пристап до пазарот на 27-те членки на ЕУ.
Европската Унија е петтиот најголем трговски партнер на Индонезија, а вкупната трговија меѓу двете страни минатата година надмина 27 милијарди евра, според WSJ.
Покрај Индонезија, преговори за слични договори со ЕУ водат и Тајланд, Филипините и Малезија.
Кина и Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) претходно оваа година ги завршија преговорите за модернизација на нивниот постоечки трговски договор.