По долгиот пад, Apple забележа благ пораст, но Huawei повторно е лидер на кинескиот пазар на телефони

Huawei ја презеде водечката позиција на кинескиот пазар на паметни телефони во вториот квартал од 2025 година, додека Apple забележа раст на испораките во Кина за прв пат по неколку месеци, според податоците објавени  од аналитичката фирма Canalys.

Според податоците, Huawei испорача 12,2 милиони телефони во текот на вториот квартал, што е зголемување од 15 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Компанијата со тоа обезбеди пазарен удел од 18 проценти и се врати на првото место во однос на испораките во Кина, за прв пат од првиот квартал од 2024 година, објавува CNBC.

Apple го освои петтото место со испорачани 10,1 милиони уреди, што е зголемување од четири проценти на годишно ниво. Ова е првата регистрирана квартална експанзија на Apple во Кина од крајот на 2023 година.

Canalys изјави дека растот на испораките на Apple се должи на „стратешки прилагодените цени“ за новата серија iPhone 16, попустите на кинеските платформи и повисоките цени за замена за постарите уреди.

Зголемувањето на испораките доаѓа само неколку дена пред објавувањето на кварталните резултати на Apple. Инвеститорите внимателно ги следат перформансите на компанијата во Кина, која сочинува клучен дел од нејзините приходи.

Акциите на Apple паднаа за околу 14,5 проценти од почетокот на годината, бидејќи компанијата беше погодена од геополитички тензии и притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано повикуваше Apple да го премести производството на iPhone од Кина во САД.