По двегодишна пауза повторно се одржува Октоберфест

154

Светски познатиот фестивал на пивото, познатиот Октоберфест, се отвора денеска во Минхен по двегодишна пауза поради пандемијата.
Поставени се шатори, како и забавниот парк. Штандовите со  медењаци во форма на срце и пржени бадеми се подготвени и ги чекаат посетителите.

На улиците на Минхен, главниот град на Баварија, веќе може да се видат посетители облечени во традиционална баварска облека и кратки кожени панталони.

Но, имајќи предвид дека пандемијата сè уште трае и луѓето се загрижени за есенскиот и зимскиот бран на инфекција, градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер, признава дека атмосферата на фестивалот не е иста како во времето пред пандемијата.

На расположението на посетителите секако негативно влијаат растот на цените на енергијата и инфлацијата.

И покрај ова, градоначалникот, кој традиционално го отвора првото буре пиво на фестивалот, истакнува дека „се радува кога ќе види илјадници среќни луѓе“.

Главниот организатор Клеменс Баумгартнер предвидува дека фестивалот би можел да ја надмине 2019 година во однос на посетеноста оваа година.

Пред пандемијата, фестивалот го посетиле околу 6 милиони гости, од кои секој петти бил од странство.

Фото: Oktoberfest.de