По горивата, на ред е храната: Ќе се укинува ли ДДВ-то за основните продукти?

Владата најавува намалување на цените на горивата веќе од следната недела, како дел од пакет мерки за ублажување на инфлацијата и притисокот врз стандардот на граѓаните.

– Остануваме и следната недела на мерките со намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти и одлуката за усогласување на акцизите, со која РКЕ може да постапува. Остануваме и понатаму држава која навремено и сигурно ги обезбедува сите количини на нафта и нафтени деривати за граѓаните и бизнисите, рече Мицкоски.

Како што посочи, според пресметките, бензините од 95 и 98 октани би требало да поевтинат за околу 1,5 денари по литар, додека дизел горивото се очекува да се намали за околу 2,5 денари.

Паралелно со ова, се разгледуваат и дополнителни мерки за основните прехранбени производи, кои би можеле да бидат донесени веќе во вторник. Меѓу опциите е и намалување или укинување на ДДВ за дел од храната, со цел директно да се влијае врз цените во маркетите.

Во меѓувреме, граѓаните веќе се соочуваат со раст на цените, особено кај храната. Дополнителен притисок создава и зголемената побарувачка во пресрет на празниците, кога цените традиционално растат. Податоците покажуваат значително поскапување на основни производи, што дополнително ја зголемува загриженоста за животниот стандард.

Иако најавените мерки имаат за цел да донесат олеснување, останува неизвесно дали тие ќе бидат доволни за да го запрат растот на цените и да ја стабилизираат економската состојба во наредниот период.