
За време на пандемијата во Германија дојде до подем на онлајн купувањето. Со слегнувањето на инфекцијата, потрошувачите сè повеќе се враќаа во продавниците.
Уделот на луѓето кои купуваат барем половина од своите работи преку Интернет падна од околу една третина минатата година на 26 отсто сега, објави Post Bank, членка на групацијата Deutsche Bank.
Во анкетата на банката во август учествувале 3.038 лица.
Сепак, тоа е сè уште повеќе отколку во 2019 година, последната година пред пандемијата, кога тој удел беше 24 проценти.
Купувањата преку Интернет во просек се намалија втор пат по ред: од највисоко ниво од 38 проценти во 2021 година на 35 проценти минатата година и 30 проценти оваа година.
„Начинот на пазарење се враќа во нормала по укинувањето на рестрикциите поради коронавирусот, а ефектот од закрепнувањето оди во рацете на продавачите. Сепак, особено за помладите луѓе, онлајн купувањето е од суштинско значење“, вели Томас Брош, шеф за дигитална продажба во Пост банка.
Според истражувањето, уделот на луѓето од возрасната група од 18 до 39 години кои барем дел од купувањето преку интернет го прават е значително поголем (37 проценти) отколку кај оние над 40 години (26 проценти).











