По петти пат инженерски натпревар ЕВЕС во Скопје

22

Во просториите на Seavus едукативниот и развоен центар вчера започна петтиот инженерски натпревар ЕВЕС. ЕВЕС е во организација на Бордот на европски студенти по технологија (БЕСТ), а под покровителство на Seavus едукативниот и развоен центар.

Натпреварот кој е поддржан и од страна на факултетите ФЕИТ, ФИНКИ и Машински факултет е одлична прилика за остварување на поблиска соработка помеѓу студентите, факултетите и едукативните центри со цел креирање на квалитетен кадар кој ќе одговори на динамичните потреби на компаниите од ИКТ индустријата.

Првиот ден од натпреварот го одбележа форумот на тема “Разидувањето што постои помеѓу она што бизнисот го бара и она што образованието го обезбедува”, на кој учество земаа претставници од повеќе компании од информатичката и електромашинската индустрија, студенти и професори од техничките факултети.

Во текот на следните два дена студентите ќе работат на повеќе однапред зададени технички задачи од две области: Case Study и Team Design.

Tимовите кои ќе претстават најдобро решение ќе добијат можност да учествуваат на инженерскиот натпревар во Ниш, каде што ќе се натпреваруваат со студенти од цел Балкан, а ќе бидат наградени и со вредносни ваучери од Seavus едукативниот и развоен центар за академските програми и кратките курсеви од областа на ИТ, дизајн и бизнис.