По седум години, Њујорк ја загуби титулата светска престолнина на милијардери

104

За првпат по седум години, Њујорк ја загуби титулата светска престолнина на милијардери. Кинеските метрополи имаат најмногу милијардери.

Во 2020 година, Пекинг го надмина Големото јаболко, бидејќи доби 33 нови милијардери. Пекинг сега е на прво место, за влакно е пред Њујорк, бидејќи во него живеат точно 100 луѓе со богатство вредно милијарда долари или повеќе, додека во Њујорк има 99 милијардери.

Според податоците на Forbes една четвртина од 2.755 исклучително богати живеат во само 10 градови во светот. Исто така, дури 10% од светските милијардери се наоѓаат во четири кинески метрополи. Покрај Пекинг, меѓу 10-те главни градови на милијардерите се наоѓаат Шангај, Шенжен и Хангжу, а на списокот е и Хонгконг, специјален административен регион на Кина, кој е на високо трето место со 80 милијардери.

Сепак, иако Њујорк е на второ место, вкупното богатство на неговите милијардери е 560,5 милијарди долари, што е повеќе од вредноста на богатите луѓе во Пекинг (484,3 милијарди долари).

Најбогатиот жител на кинеската престолнина, со нето богатство од 35,6 милијарди долари, е Џанг Јиминг, додека Мајкл Блумберг е најбогатиот жител на Њујорк, со богатство од 59 милијарди долари.

Фото: Pixabay