
Бафет заминува, но визијата останува – Беркшир под ново водство
Ворен Бафет, легендарниот американски инвеститор познат како „Пророкот од Омаха“, објави дека ќе се повлече од функцијата извршен директор на Беркшир Хатавеј на крајот од годината.
На годишниот состанок на акционерите во саботата, 94-годишниот Бафет изјави дека ќе му ја предаде лидерската позиција на Грег Абел. Откако објави дека си заминува, присутните го поздравија со огромен аплауз.
„Мислам дека дојде време Грег да стане извршен директор на компанијата на крајот од годината“, изјави Бафет пред масата во Омаха, Небраска.
Бафет, кој изгради инвестициска империја вредна 1,08 трилиони евра од пропадната текстилна компанија, се смета за најуспешен инвеститор во историјата.
Тој откри дека само неговите деца, Хауард и Сузи Бафет, знаеле за одлуката. Абел, кој седеше до него на сцената, наводно не знаел дека одлуката ќе биде објавена јавно токму тогаш.
Бафет го избра Абел за свој наследник пред четири години, но во тоа време не даде никакви индикации дека планира да се пензионира.
Абел, 62, е потпретседател на Беркшир од 2018 година и беше именуван за очекуван наследник на Бафет како извршен директор во 2021 година.
„Не би можел да бидам поскромен и почестен што сум дел од Беркшир додека одиме напред“, им рече Абел на акционерите.
Бафет, исто така, рече дека има „нулта“ намера да продаде какви било акции на Беркшир, од кои речиси сите ќе бидат донирани по неговата смрт.
Одлуката за оставка го заокружува извонредниот 60-годишен период во кој Бафет го трансформираше Беркшир од пропадната текстилна компанија во конгломерат од 1,16 трилиони долари со бизниси низ целата економија на САД.
„Беркшир Хатавеј“ денес поседува повеќе од 60 компании, вклучувајќи ја осигурителната компанија „Геико“, производителот на батерии „Дурасел“ и синџирот ресторани „Дејри Квин“. Компанијата има големи удели и во „Епл“, „Кока-Кола“, „Бенк оф Америка“ и „Американ Експрес“.
„Пророкот од Омаха“ ги купил своите први акции на 11-годишна возраст
Бафет е познат и по своите филантропски донации во вредност од неколку милијарди евра. Според минатомесечната листа на „Блумберг“, тој е четвртиот најбогат човек во светот со проценето богатство од 142 милијарди евра.
Бафет е роден во Небраска во август 1930 година.
Тој ги заработил своите први пари како шестгодишно дете, купил акции на 11-годишна возраст во нафтена компанија од Оклахома и ја поднел својата прва даночна пријава на 13-годишна возраст, барајќи одбиток од 35 долари за својот велосипед.
По студирањето на Бизнис школата Колумбија во Њујорк, тој почнал да купува акции во текстилната фирма Беркшир Хатавеј во 1962 година.
Тој ја презеде контролата врз компанијата во 1965 година и постепено ги повлече нејзините производствени интереси пред да купи удели во Вашингтон пост, осигурителната фирма Геико и нафтената компанија Ексон.
Тој, заедно со долгогодишниот соработник Чарли Мангер, ќе ја преземат компанијата и ќе ја направат моќта од трилион долари каква што е денес.
Мангер почина во 2023 година на 99-годишна возраст, тој беше резонатор на Бафет за инвестиции и деловни одлуки и помогна во водењето на Беркшир како нејзин потпретседател од 1978 година.











