По Велес… Неготино

40

Изминатиов месец топ тема во медиумите беа учениците од Неготино. Тепачката помеѓу соученички од основно училиште, средношколската екскурзија и однесувањето во хотел во Италија, но и една еко акција за собирање на отпад на повеќе локации низ општината.

Збирно, две неубави вести кои добија големо медиумско внимание и една позитивна вест која остана во сенка на претходните два настани.

Искрено, чекав да поминат повеќе од 3 недели од “тепачката“ во Неготино пред да ја напишам оваа колумна со цел да спласнат страстите и да можеме со “ладна“ глава да согледаме што се случи и уште поважно, што да преземеме сите со цел ваквите немили случки да се избегнуваат во иднина.

Никој не остана рамнодушен додека насекаде се емитуваше видеото каде ученичка е брутално малтретирана и тепана од страна на свои соученички, додека други гледаат од страна, чекајќи што ќе се случи. Напротив, сите бевме згрозени, а овој настан го запали и “црвениот аларм“ кај надлежните.

Се прашувавме дали ваквите збиднувања се автентични за ова време во кое живееме или, пак, тепачки имало и порано, но ги немавме паметните телефони и социјалните медиуми преку кои за неколку часа снимката од насилството ја обиколи целата држава и регионот.

Дали децата денес се поагресивни и повеќе наклонети кон насилство отколку генерациите пред нив? Дали причината лежи во сè помалото време кое родителите го посветуваат на воспитувањето на децата или во слабостите на целокупниот образовен систем во 21 век?

Се апелираше на одговорност, темелно се истражуваше целиот настан со цел да се реши овој случај, но и се бараше да се адресираат ваквите негативни појави со цел да се извлече поука и да не дојде до слично повторување на насилството.

Во недостиг на понови статистики за степенот на насилство и агресивност помеѓу децата и учениците, можеме само да констатираме дека треба да се одговори на “сè позачестеното насилство“ во училиштата.

Или со еден збор, и оваа појава како да ја ставаме под тепих откога ќе пројде виорот на проблемот. Евидентно е дека нешто се случува, имаме конкретен случај на насилство од посериозни размери, но недостасува детална анализа и стратегија како понатаму. Народниот правобранител најави дека оваа година ќе спроведе посебно истражување со цел да ја утврди ефикасноста на мерките за спречување на насилство помеѓу и врз децата во училиштата. И тоа е добар почеток.

Но, доколку сакаме да ги решаваме проблемите, потребен е систематски пристап и вклученост на сите надлежни институции и засегнати организации. Никаде во светот проблемите не се решаваат преку ноќ, туку со макотрпна и посветена повеќегодишна и децениска работа.

Затоа што родителите мора да се чувствуваат сигурно кога ги испраќаат своите деца во градинките и училиштата. Учителите, наставниците и професорите мора да се чувствуваат безбедно, но и максимално одговорно на работните места бидејќи во тие 25 до 40 часа неделно децата се оставени во нивни раце не само да ги чуваат, туку и да ги едуцираат и да им дадат дополнителна воспитна компонента.

За учениците мора да направиме сè со цел тие да сакаат да одат во градинките и училиштата и да уживаат додека го поминуваат времето таму. Доколку и само едно дете не се чувствува доволно безбедно или стравува дека ќе биде предмет на вербално или физичко насилство од страна на своите соученици, вината е на сите и час поскоро мора нешто да се преземе.

Нема да ја заборавам сликата што ја видов пред неколку недели во едно приватно основно училиште во Скопје. Додека се подготвуваме со колегите од Кабтел да одржиме обука за родители за заштита на децата на интернет, во кабинетот по информатика се одржуваше подготвителна настава за регионален натпревар во роботика. Десетина деца, заедно со својата наставничка по информатика вежбаа со прототип количките за претстојниот натпревар и говореа на неколку јазици. Сите заедно уживаа во престојот во училиштето, иако формалниот дел од наставата за тој ден им беше завршен, а родителите веќе ги чекаа пред училницата да си одат заедно дома.

Некој ќе каже дека тоа е така бидејќи се работи за приватно училиште. Но, јас верувам дека тоа треба да биде сликата за секое училиште во Република Македонија и на тоа треба да почнеме да работиме веднаш. Сите заедно!

Да не заборавиме дека не постои земја во светот која создала напреден и развиен воспитно-образовен систем, а која претходно не вложила многу финансиски и човекови ресурси во креирањето на добра анализа и сеопфатен пристап на решавање на проблемите во наредните децении.

Дотогаш, останува на секој нас да нагаѓа кои се главните причини кои може да доведат до агресија кај децата уште од најмала возраст. Во овој контекст, една од главните дилеми е дали и во колкава мера врз децата влијаат интернетот, цртаните и видеата со насилство или видео игрите со насилна содржина.

Дебатите во светот се различни на оваа тема. Дел сметаат дека ваквите онлајн содржини придонесуваат за зголемена агресија и насилство кај децата, а друг дел застапуваат став дека воопшто не влијаат бидејќи со вакви содржини на ТВ и компјутер растеле и претходните генерации, но не ја исклучуваат можноста кај одредени деца да извршат промена во нивното поведение и склоност кон агресивност.

Сепак, сите се сложуваат дека постојат содржини на интернет кои се адекватни за одредена возраст на детето, како и дека тука е клучна улогата на родителите.

Од овие причини, во рамките на општествено одговорната компонента која ја спроведуваме заедно со ИТ компанијата Кабтел укажуваме дека голема поддршка на родителите играат интернет софтверите за родителска заштита. Safe Kids е еден од нив кој е достапен на нашиот пазар.

Токму Safe Kids е мулти-платформа која им помага на родителите да создадат и пронајдат нови безбедни начини преку кои нивните деца може да го истражуваат дигиталниот свет.

Таа им помага на родителите да ги мониторираат информациите, им дава потврда за локација на кое се наоѓа детето, управување со времето поминато на уредот, како и севкупна заштита од онлајн ризиците кои демнат врз најмалите. Safe Kids помага да се насочат децата, така што тие ќе имаат пристап само до одредени типови на веб-страници, содржини и апликации кои се соодветни за нивната возраст. Целта е да се заштитат децата од пристапување кон интернет содржини кои се неадекватни за нивната возраст и кои можат да го нарушат нивниот развој, но и да ги вознемират или направат агресивни.

Но, секогаш потсетуваме и дека од родителите зависи како ќе го искористат софтверот за родителска онлајн заштита на децата. Бидејќи тој им е поддршка во процесот на воспитување и развој на детето, а тие се оние кои ги поставуваат правилата на игра.

На мапата на Македонија веќе го ставивме Велес поради лажните вести. Го додадовме и Неготино поради насилството меѓу учениците. Ајде овие или следните градови да бидат дел од една друга мапа – најдобри европски резултати на училишни натпревари, деца со висока еколошка свест и грижа за заедницата или млади кои изработиле нешто иновативно на светско ниво.