По Yahoo, и HP против работа од дома

26

HPИзвршниот директор на Hewlett – Packard, Мег Витман, започна интерна кампања во компанијата со која ги охрабрува вработените да доаѓаат на работа колку можат почесто. Иако нема конкретна забрана за работа од дома, Витман ги повика оние што можат да работат од канцеларија, да дојдат и да работат во канцеларија.

“Во ова критично време на пресврт, на HP му требаат сите раце на палубата. Знаеме дека во минатото одредени вработени можеа да побараат да работат од дома поради различни причини. Сега треба да изградиме посилна култура на посветеност и соработка. Колку повеќе вработени дојдат да работат од канцеларија, толку подобра компанија ќе бидеме”, стои во интерниот документ.

Новата политика на HP не е толку строга како онаа на Yahoo. Некои од вработените можат да останат да работат од дома, но за тоа треба да бараат дозвола и да имаат оправдана причина.

Во HP глобално работат 300.000 луѓе, од кои околу 80.000 работат од дома.

Во февруари годинава, извршниот директор на Yahoo, Мариса Мајер, им ја укина на вработените можноста да работат од дома, затоа што според неа, со работа од дома се губи продуктивоста.

“Некои од најдобрите идеи се раѓаат од дискусии по ходници и кафетерии, сретнувајќи се со нови луѓе и на импровизирани состаноци. Брзината и квалитетот се најчестите жртви при работа од дома. Мора да биде само еден Yahoo, а тоа почнува така што ќе бидеме физички заедно”, стоеше во дописот на компанијата.