Цените на нафтата пораснаа во азиската трговија во средата поради зголемените тензии на Блискиот Исток, но растот беше ограничен поради слабата побарувачка.
Фјучерсите на суровата нафта брент поскапеа за 17 центи, или 0,16 отсто, на 76,60 американски долари за барел. За 17 центи е поскапа и американската западна Тексас интермедит (WTI) нафта и изнесува 73,37 долари.
„Порастот на цената на нафтата може да биде поттикнат од очекувањата за зголемени ризици за снабдување поради зголемените тензии на Блискиот Исток и корекција на повеќемесечните ниски цени на нафтата. Но, останува послабата побарувачка и се очекува да го ограничи растот на цената на нафтата“, изјави за Ројтерс Серена Хуанг, шеф на нафтената анализа на Vortex во Азија.
„Секоја ескалација на конфликтот на Блискиот Исток може да доведе до поголем ризик од прекин на снабдувањето од регионот“, рече аналитичарот на АНЗ, Даниел Хајнс.
Намалената побарувачка на нафта покажуваат податоците за кинеската трговија, а дневниот увоз на сурова нафта во јули падна на најниско ниво од септември 2022 година.
Помалото производство на либиското нафтено поле Шарара од 300.000 барели дневно, исто така, ја зголемува загриженоста за недостигот на снабдување.
Глобалните резерви на нафта се намалени за околу 400.000 барели дневно во првата половина од оваа година, според проценките на американската Администрација за енергетски информации (EIA). Се очекува залихите да се намалат за околу 800.000 барели дневно во втората половина од годината.
На цената на нафтата влијаеја и податоците од САД, кои покажаа неочекуван пораст на залихите на сурова нафта, бензин и дестилати минатата недела.
Залихите на сурова нафта се зголемија за 176.000 барели во неделата што заврши на 2 август, рекоа изворите кои сакаа да останат анонимни. Аналитичарите анкетирани од Ројтерс очекуваа залихите на сурова нафта да паднат за 700.000 барели.