Почеток

239

prazna-slika-pixabay

Фото: Pixabay

Се наоѓаме на почеток на Нова година. Како и секој почеток, така и почеток на Нова година знае да биде доста тежок, особено после долг период празници и намалена активност. Но, сакале или не, многу брзо мора да се вратиме во работна атмосфера и во работно опкружувањето.

Еве ви неколку совети што да направите на почетокот на годината, а сепак да не бидете уште веднаш „оптоварени“, но и да бидете во работна кондиција или пополека да се вратите во колосек:

  1. Нови искуства. Направете листа на работи што сте сакале да ги направите минатата година, но од кои било причини не сте успеале да ги направите. Нека бидат поделени во некоја динамика и ветете си самите на себеси дека ќе ги реализирате заостанатите работи. За да ви биде полесно за евалуација, на крајот на годината, ставете ги на хартија. Не мора да бидат поврзани само со работа, може да биде и нешто што сте сакале да го направите за самите себе (фитнес, јога и слично), со фамилијата (еднаш месечно заедничко патување, неделни прошетки…), со пријателите (собирање еднаш неделно или еднаш месечно…) итн.
  2. Побарајте мислење за вас. Видете се со најмалку тројца луѓе кои можат да ви дадат мислење за вас, но луѓе на кои може да им верувате или кои ќе ви дадат вистинско мислење за вас.
  3. Акционен план. Направете годишен акционен план на активности, поврзани со работа што сакате да ги остварите во оваа година. Поделете ги по месеци и задолжително нека има буџет. Доколку имaте потреба од дополнително мислење, соберете го тимот и направете го ова заедно.
  4. Потсетник за родендени и важни настани.Направете ревизија на потсетникот за родендени за вашите блиски луѓе и партнери. Доколку го немате ова направено никогаш, тогаш сега е време да го направите. Прво, направете листа на личности за кои треба да направите потсетник, па после еден по еден пополнувајте го. Во таа листа нека има и соработници, не само пријатели.
  5. Најдете си ментор или личност со која ќе може да се консултирате.
  6. Направете финансиска анализа и план. Ова направете го како за на работа, така и за домашниот буџет. Убаво е да знаете каде и кога ќе имате големи трошења. Доколку е потребно, инволвирајте и финансиски консултант при правењето на овие планови. Во овој период направете груби анализи и планирања (нека се на месечно ниво), но подоцна навлезете во детали.
  7. План на одмори. Направете план за зимскиот одмор, но и за летниот и за други патувања кои сакате да ги направите во текот на годината. Со тоа ќе имате големи заштеди во буџетот (домашниот или компанискиот), но и ќе можете и вие и вашите партнери да ги планирате активностите.
  8. Направете листа на социјално одговорни работи. Доколку ви е ова прва година да направите вакви активности, тогаш немојте да се преценувате, па листата нека биде од максимум две активности (чистење и средување на околината околу вашето место на живеење и работење, бојадисување на заедничките простории во зграда или во канцеларија итн.)

Како што можете да видите, листата на работи што можете да ја направите во овој период може да биде многу голема и ова се само дел од работи коишто може да ги направите. Листата може да ја надополните и зависи од вашата креативности или креативноста на вашиот тим. Но, најважно е да го ставате мозокот малку побргу во работна атмосфера со „лесни“ активности, за да можете многу бргу да бидете подготвени за поголемите и поважните работи. Секако, погоре споменатите работи не се неважни и немојте кон нив да приоѓате со  помала сериозност. Што и да направите од некоја од овие идеи или некоја сосема друга, пријдете ѝ со голема сериозност.

Со успех во имплементација.